Аикидо
Од Википедија, слободна енциклопедија
На оваа статија ѝ е потребно правилно форматирање, категоризирање, граматика, интервики и слично. Може да помогнете со тоа што ќе ја уредите и трансформирате во стандардна вики-статија.
Аикидо е боречка вештина настаната во Јапонија. Во превод значи „Начин на хармонизирање со енергијата“ (АИ – хармонија, КИ – енергија, ДО – начин). Под ова име, основачот Морихеи Уешиба ја воспоставил во 1942 година, користејќи го собраното знаење од претходно совладаните боречки вештини.
Во техничкиот дел најголемо влијание за создавањето на аикидото имала вештината „Даито рју аики џуџуцу“. Морихеи Уешиба учел Даито Рју од Такеда Сокаку, кој оваа средновековна самурајска вештина прв почнал да ја подучува надвор од кланот Такеда. Идеолошкиот дел на аикидото пак, е изграден под влијание на Омото кјо религијата (огранок на будизмот), од каде што доаѓа идејата за неповредување на противникот. По смртта на основачот се формирале повеќе ограноци. Скоро сите поистакнати ученици формирале посебни училишта за аикидо со различни називи. Денес, најраширен огранок во светот е институцијата формирана од самиот основач која го носи името Аикикаи. Оваа институција е и еден вид “main stream”, бидејќи водството се пренесува од колено на колено и сегашниот дошу (водач на патот) е Моритеру Уешиба, внук на основачот.
Аикидо техниките се изградени врз принцип на искористување на силата на напаѓачот. Тоа значи дека на нападот не се одговара со судар или конфронтација (блокови, удари и сл.), туку со избегнувачки движења. Со ваквите движења се тежнее телото да се поставува во точни позиции кои напаѓачот го доведуваат до нерамнотежа и на тој начин го прават лесно совладлив. Ефектите од вежбањето се повеќекратно корисни, како за физичкото здравје, така и за менталното. Посебна карактеристика на вежбањето аикидо е јакнењето на способностите за комуникација, социјализација, соработка и тимско работење, што произлегува од природата на техниките и методот на нивно учење.
Самоодбраната е нешто што се подразбира кога ќе се спомне боречка вештина, но аикидото е специфично затоа што оној што вежба аикидо треба да биде вешт не само за да се одбрани, туку притоа и да не го повреди напаѓачот. Ова е воедно и еден од главните адути, поради кои оваа вештина е толку популарна во денешно време.
Поради влијанието што будизмот го имал за негово создавање, многумина мислат дека аикидото е негов израз, но тоа не е точно, за што ни сведочи и неговата распространетост ширум светот. Религијата е нешто што е потполно одвоено од аикидото.