Јаглехидрат
Од Википедија, слободна енциклопедија
Јаглехидратите, уште познати и како глициди или шеќери се органски соединенија чијашто молекула е изградена од трите биогени елементи: јаглерод, водород и кислород. Имаат општа хемиска формула Cn(H2O)n. Тие се универзална и мошне битна состојка на сите живи организми. Карактеристично за јаглехидратите е што можат да се сврзат со други органски материи и да градат комплекси (со протеините градат гликопротеини, со липидите градат гликолипиди и слично).
Во клетката, јаглехидратите се јавуваат како главен извор на енергија, а претставуваат и важен градбен материјал на клеточните структури и лесно можат да се складираат како резервни материи. Се среќаваат во два вида:
- Прости (основни органски соединенија), каде спаѓаат моносахаридите и
- Сложени (производни јаглехидрати), од кои оние со мала молекулска маса се олигосахариди, а тие со голема-полисахариди.