Минерал
Од Википедија, слободна енциклопедија
Минералите ги проучува минералогијата. По својот состав тие представуваат соединенија на два или повеќе елементи, а може да се јават и како поединечни елементи (злато, сулфур, бакар и др).
Минерал е збор со латинско потекло (Mineralis) и означува нешто што е поврзано со рудник, односно парче руда. Уште во праисториско време минералите го привлекле вниманието на човекот. Праисторискиот човек ги одбирал парчињата кремен што можел да ги употребува како секира, нож или врв за копје. Значењето на минералите растело паралелно со развитокот на материјалната култура на човекот.
Најстариот запис за минералите е расправата За каменот од грчкиот учен Теофраст (321 — 286 година п.н.е.). Во ова свое дело тој наведува 16 различни видови минерали кои ги дели на камења, метали и земја. Особено внимание тој посветува на нивното практично значење, па затоа неговото дело е окарактеризирано и како економска минералогија. Минералогијата е наука за минералите. Таа започнува да се развива во времето на ренесансата.
За да се определи составот на карпите, треба да се одредат минералните видови од кои се составени, како и нивните количински односи. За објаснување на процесите на создавање на карпите, како и за класификацијата на самите карпи е неопходно темелно и комплексно да се познаваат минералите од кои се изградени.
Земјината кора е изградена од елементи со минерално потекло кои се продукт на природните хемиски реакции. Тие се главно од неорганско потекло, настанати по пат на геохемиски процеси од материјалот што е врзан непосредно за Земјината кора. Со учество на биохемиските процеси настануваат минерални тела со органско потекло — биолити (јаглен, органоген варовник итн.). На површината на Земјината кора се среќаваат и такви тела што се со потекло од меѓупланетарниот простор. Тоа се метеоритите, односно минерални тела со вселенско потекло.