Андреа Паладио
Од Википедија, слободна енциклопедија
Андреа Паладио (30 ноември, 1508 – 19 август, 1580), или Андреа ди Пјетро дела Гондола е италијански архитект роден во Падова, Италија.
Како влијателен архитект, Паладио развил свој Паладијански стил кој се придржувал до класичните римски принципи, наспроти богатата орнаментација на Ренесансата. Паладио проектирал многу цркви, вили и дворци, особено во Венеција и околината.
Стилот на Паладио станал мода во Европа. Во Британија, Иниго Џонс и Кристофер Рен го прифатиле неговиот стил. Друг обожавател на овој стил бил Ричард Бојл, 4-тиот Гроф на Корк, исто така познат како Лорд Бурлингтон кој бил архитектот на Чисвик Хаус заедно со Вилијам Кент. Еден од подоцнежни експоненти кои ги популаризирале коцептите на Паладио бил и венецијанскиот архитект од 18-тиот век Џакомо Леони кој издал авторитативно дело од четири тома на таа тема.
Архитектурата на Паладио исто така била инспирација за класична музика, како на пример за делото од велшкиот композитор Карл Џенкинс со наслов Паладио. Оваа композиција е доста позната по својот прв став, кој бил употребен од страна на фирмата Де Биерс во една телевизиска реклама за дијаманти.
[уреди] Историја
Паладио бил син на Пјетро 'дела гондола'. Кога имал 13 години станал чирак во каменорезачка работилница, но по само 18 месеци престанал да конактира со татко си и избегал во блискиот град Винченца. Таму станал помошник во најдобрата каменорезачка и ѕидарска работилница и често ја посетувал продавницата на Бартоломео Каваца од кој научил некои вештини. Но најголемо влијание во неговата кариера има извршено Џанџорџо Трисино, кој му го измислил класичното име Паладио на неговиот ученик и пријател Андреа. Во 1541 год. Паладио оди во Рим да изучува антички знаменитости.
Важни дати:
- 1540: Почнува со своето прво дело, вила Годи во Леонедо.
- 1544: Почнува со изработка на вила Пизани во Бањоло.
- 1545: Вклучен во реновирањето на базиликата во Винченца.
- 1550: Прави нацрти за палацо Кјерикати.
- 1552: Почнува со работа на Вила Корнаро и палатата на Изепо Де' Порти.
- 1556: Во Удине работи на каза Антонини, а во Винченца почнува со палацо Тиене. Додека неговите задачи се намножуваат заедно со неговата слава, Паладио работи со патриархот на Аквелија на издание на книга за 'Витрувиј' со тоа што ги изработува цртежите и скиците.
- 1557: Ја почнува Вила Бадоер во долината на реката По.
- 1558: Издава проект за црквата Сан Пиетро ин Кастело во Венеција и веројатно истата година почнува со изгардба на вила Малконтента.
- 1559: Ја почнува Вила Емо во селото Фанцоло ди Веделаго.
- 1561: Почнува со изградба на вила Појана Маџиоре и истовремено со трпезаријата за Бенедиктинците во Св. Ѓорѓија во Венеција, а подоцна и фасадите на манастирот Монастеро пер ла Карита и вила Серего.
- 1562: Ја започнува фасадата на Сан Франческо дела Виња и со работа на Сан Џорџо Маџиоре.
- 1565: Почнува со изградба на вила Каголо во Винченца и вила Пизани во Монтањана.
- 1566: палацо Валмарана и вила Зено.
- 1567: Почнува со работа на Вила Капра ,,Ла Ротонда"
- 1570: Паладио е номиниран за Прото дела Серенисима (Знаменит граѓанин на Венеција) и таму ги издава I Quattro Libri di Architettura (Четири книги за архитектурата).
- 1571: Ги изработува: вила Пјовене, палацо Порто Барбаран, лоџија дел Капитанио и палацо Порто Бреганце.
- 1574: Ги издава 'Commentari'-те на Цезар и работи на проучување за предниот дел на црквата Сан Петронио во Болоња.
- 1577: Почнува со изградба на Реденторе.
- 1580: Приготвува цртежи и скици за ентериерот на црквата Санта Лучија во Венеција и истата година на 23-ти Март ги надгледува почетните фази во изградбата на Театро Олимпико.
[уреди] Надворешни врски
- Андреа Паладио (англиски)