Пелагонија
Од Википедија, слободна енциклопедија
Пелагонија е најголемата котлина во Македонија, која самата по себе формира и посебна релјефна целина во рамките на родопската група на релјеф. Сместена е во југо-западниот дел на Република Македонија, опфаќа површина од околу 2000 км² и нејзиниот правец на протегање е меридијански (север - југ) и продолжува кон Грција.
[уреди] Релјефни, орографски и географски карактеристики на Пелагонија
Пелагонија всушност го претставува централниот западен дел на етничка Македонија. Таа денес се протега во две држави: Македонија и Грција. Се состои од Битолското и Прилепското поле во басенот на Црна Река и нејзините притоки во Македонија и Леринското поле во Грција. Котлината е опкружена со планините Баба, Бушова планина од запад, Даутица и Бабуна од север, Селечка планина и Ниџе од исток, додека на југ и југо-запад е оградена со падините на Нередска Планина. Во минатото во времето на терциерот Пелагонија била заезерена поради што денес (особено во Битолското Поле) е голема застапеноста на хумусна и алувијална почва. Просечната надморска височина се движи од 710 до 615 метри во Прилепското поле и од 610 до 540 метри во Битолското поле.
[уреди] Население
Во Пелагонија живеат повеќе од 200000 жители, од кои доминантно мнозинство се Македонците со застапеност од над 89%. Најголеми градови во котлината се Битола и Прилеп. На подрачјето на Пелагонија се наоѓаат општините Битола, Прилеп, Долнени, Кривогаштани, Могила и Новаци.
[уреди] Земјоделство и стопанство
Пелагонија претставува најголема житница во Македонија. Покрај пченицата од житните култури се одгледуваат и јачменот, пченката, овесот и 'ржот. Во Пелагонија застапени се и индустриските култури. Целата котлина (особено Прилепското поле) претставува најголем производител на тутун во Македонија и на Балканот. Од другите индустриски култури најзастапени се шеќерната репка, сончогледот, луцерката и крмната пченка.
Во Пелагонија најразвиена е прехранбената индустрија. Во Прилеп се наоѓаат прехранбената индустрија „Витаминка“, Тутунскиот комбинат и Пиварницата, а во Битола се лоцирани Пиварницата, Шеќераната, неколку млекарници итн. Доста развиена е и металската индустрија и во Битола и во Прилеп, а развиени се и стакларската, идустријата за електрични апарати итн.
Во Битолското поле големи се резервите на јаглен, поради што работат два рудника за негово исцрпување: „Суводол“ и „Гнеотино“. Тука се наоѓа и најголемата термо електрична централа во државата „ТЕЦ Битола“.