Лизозом
Од Википедија, слободна енциклопедија
Лизозомите (грчки: lisis-разградува и soma-тело) се органели кои можат да се набљудуваат само со електронски микроскоп. Имаат облик на гранули или меурчиња со единечна мембрана. Во нивната внатрешност содржат ензими хидролази, што можат да ги разградат сите видови високомолекулски органски материи: протеини, нуклеински киселини, јаглехидрати и липиди. Ензимите се синтетизираат во грануларниот ендоплазматичен ретикулум, се сместуваат во структурите на Голџиевиот систем, од каде се одделуваат како лизозомни меурчиња.
Во лизозомите се разградуваат материи што во клетката се наоѓаат како нерастворливи честички или во облик на цели капки. Ова настанува кога првичните вакуоли што се образуваат околу тие честички ќе се слеат со лизозомите и создаваат дигестивна вакуола. Материите добиени со внатреклеточното разградување навлегуваат во цитоплазмата и се користат од клетката. Во одредени услови, со лизозомите клетката ги разградува и сопствените, остарени или непотребни органели или натрупани резервни хранливи материи.