Археологија
Од Википедија, слободна енциклопедија
Археологија (од грчките зборови αρχαίος = прастар и λόγος = збор/говор) е студија за човечките култури низ откривање, документација и анализа на податоци, вклучувајќи архитектура, артефакти, биофакти, човечки остатоци, и пејзажи. Цели на археологијата се да го документира и и објасни потеклото и развојот на човечката култура, човечка историја, културна револуција, и човечко однесување и екологија. Таа е единствената дисциплина што на располагање има и метод и теорија за собирање и интерпретирање на информации врзани за незапишаното човечко минато, и исто така може да донесе критички допринос во нашето разбирање на докмументираните општества.
Терминот "археологија" настанал во стариот век, со главно значење историја (Дионисиј од Халикарнас: Римска археологија). Општо, археологијата се класифицира во праисториска (или квартерна), ориентална, класична (грчко-римска), средновековна (христијанска, исламска, словенска) и археологија на Далечниот исток (Кина, Јапонија, Индија, Индокина).
Почетоците на археолошкото истражување му припаѓаат на стариот век. Нив тогаш ги вршеле Паусаниј во Грција (делото Опис на Грција) и Плиние Постариот во Рим (Историја на природата). Нов полет археологијата добива во времето на хуманизмот и ренесансата, а како посебна научна дисциплина се развива во XVIII и XIX век, како резултат на зголемувањето на интересот за човекот и човечкото општество. На почетокот археологијата била хуманистичка наука, но таа се повеќе станува егзактна научна дисциплина, чиишто резултати ги користат цела низа на историско-општествени науки: антропологија, социологија, историја, лингвистика, етнологија, историја на уметноста. Од фазата на дескрипција и експликација, археологијата го достигнала нивото на дедукција и синтеза, па со самото тоа влегла во категоријата на значајните општествено-историски дисциплини.
Едни од поважните откритија во областа на археологијата се античките градови Троја, Микена и Тиринс (од археологот Хајнрих Шлиман); потоа Кносос, Фестос и Агија Тријада на Крит (од А. Еванс); Олимпија, Делфи, Атинска Агора; потоа фараонската култура во Египет; палеолитските пештери со ѕидно сликарство во Франција и Шпанија; етрурските некрополи во Тоскана; неолитските и другите праисториски цивилизации во Египет, Месопотамија, Анадолија, балканско-подунавските области (Старчево, Винча, Бутмир, Љубљанско Барје, Вучедол); од почетокот на металното време: Халштат во Австрија, Виланова во Италија, Ваче во Словенија; од младото железно време: Ла Тен во Швајцарија, Жидовар, Гомолава, Роспи Ќуприја во Србија.