Ционизам
Од Википедија, слободна енциклопедија
Ционизмот е политичко движење и идеологија што го поддржува создавањето на држава на Евреите. По формирањето на Државата Израел, под ционизам обично се подразбира поддршка за Израел и за неговата политика, во прв ред кон Палестинците. Самиот термин упатува на ридот Цион што се наоѓа во близина на Ерусалим, а кој подоцна стана синоним за Ерусалим.
Содржина |
[уреди] Формирање на ционистичкото движење
Ционистичкото движење е формирано кон крајот на 19-от век, а причината за неговото формирање се погромите организирани против Евреите во Русија и растечкиот антисемитизам во Франција како резултат на Драјфусовата афера од 1894 година. Особено втората причина одигра важна улога, зашто се случи во земја која се гордееше со својата просветеност и напредност. Помеѓу оние што беа сведоци на француските настани беше и австрискиот Евреин Теодор Херцл. Тој во 1896 година го објавува памфлетот „Еврејска држава“, во кој ќе ги изложи основните ционистички поставки, а следната година во Базел, Швајцарија го организира Првиот ционистички конгрес, на кој е донесена одлука за формирање на Светската ционистичка организација, на чие чело е избран Херцл.
Стремежите на ционистите за формирање на држава на Евреите не беа прифатени од страна на сите Евреи. Ортодоксните Евреи се спротивставуваа сметајќи дека е богохулна идејата дека луѓето можат да ја обноват еврејската држава во Земјата Израилска, зашто тоа била задача на месијата. Од друга страна, прогресивните Евреи веруваа во соживотот со останатите народи, при што Евреите либерали ги нагласуваа демократските слободи на западните земји, а Евреите социјалисти го сметаа ционизмот за облик на буржоаски национализам и му се спротивставуваа на интернационалистичка основа.
[уреди] Територијата на евентуалната еврејска држава
Во врска со територијата каде што би се формирала државата на Евреите, на почетокот се разгледуваа повеќе опции. Главната беше еврејската држава да се формира на почвата на библиската Земја Израилска, односно во Палестина, каде што Евреите живееле и имале свои држави во периодот од пред 3.200 години до вториот век од нашата ера. Самиот Херцл во „Еврејската држава“ ја спомнува и Аргентина како можна варијанта, а во 1903 година по предлогот на британската влада за формирање на еврејска држава во нејзината колонија Уганда (на територијата на денешна Кенија) и оваа опција за кратко е во комбинација. Сепак, по 1917 година по Балфуровата декларација на британската влада со која им се ветува „татковина“ (не држава) на Евреите во Палестина, единствена опција за формирање на еврејска држава за ционистите станува Земјата Израилска, односно Палестина.
[уреди] Борбата за Палестина и формирањето на Државата Израел
Напоредно со овие случувања, постојано се зголемува бројот на еврејски доселеници во Палестина. Овој наплив на еврејски доселеници во Палестина создава се поголеми тензии со тогашното мнозинско арапско население во Палестина. Британија, која во 1922 година доби мандат од Друштвото на народите да управува со Палестина, се обидува да ги спречи судирите, но преќутно во повеќе прилики застанува зад барањата на Евреите, во прв ред преку непреземањето чекори за оспособување на Палестина да стане независна држава, што во тој момент значеше држава со арапско мнозинство.
Бранот на еврејски доселеници особено се зголемува по доаѓањето на Адолф Хитлер на власт во Германија во 1933 година. Во 1936 година Арапите започнуваат големи немири во знак на протест кон еврејското доселување, кои траат до 1939 година, кога британската власт донесува одлука за ограничување на доселувањето на Евреите во Палестина.
Сепак, Холокаустот извршен врз Евреите во Втората светска војна влијаеше за промена на светското јавно мислење во врска со создавањето на еврејска држава на територијата на Палестина. По објавата на Британија дека планира да се повлече од Палестина, Генералното Собрание на Обединетите Нации на 29 ноември 1947 година изгласува резолуција за поделба на Палестина на еврејска држава, арапска држава и Ерусалим како меѓународна енклава. Евреите, кои според резолуцијата добија не само право на своја држава, туку и територија од Палестина во поголем процент од процентот на еврејско население во Палестина, го прифатија планот, но тој не беше прифатен од страна на арапското население во Палестина и од страна на соседните арапски држави. Веднаш избувнаат судири помеѓу еврејското и арапското население на Палестина. Следната година, на 14 мај 1948 година лидерите на еврејската заедница во Палестина го прогласуваат формирањето на Државата Израел, со што основната ционистичка цел е остварена. По прогласувањето на Државата Израел избувнува војна помеѓу новоформираната држава и соседните арапски земји, која ја добива Израел, по што формирањето на еврејската држава станува траен факт.
[уреди] Ционизмот и антисемитизмот
И од страна на поддржувачите и од страна на противниците на израелската политика кон Палестинците и кон соседните арапски земји често можат да се слушнат тврдења дека спротивната страна врши поистоветување на ционизмот со антисемитизмот.
Поддржувачите на Израел тврдат дека противниците на ционизмот всушност се антисемитски настроени и дека нивниот антиционизам во суштина е еуфемизам за антисемитизмот.
Противниците на израелската политика кон Палестинците и соседните арапски народи, од друга страна, тврдат дека приврзаниците на Израел намерно го поистоветуваат антиционизмот и воопшто критичниот однос кон политиката на израелската држава со омразата кон Евреите со цел да ја делегитимираат секоја оправдана критика на израелската политика.
Во 1975 година Генералното собрание на ОН ја донесува Резолуцијата број 3379 со која се осудува ционизмот како „облик на расизам и расна дискриминација.“, но оваа резолуција е отповикана со Резолуцијата број 4686 од 1991 година.