Охридско Езеро
Од Википедија, слободна енциклопедија
Охридското Езеро е езеро во Македонија и Албанија. Тоа покрива површина од 358,2km2 и се протега во должина од 30,8 km, а најголемата широчина изнесува 14,8 km. Должината на брегот изнесува 87,5km.
Охридското Езеро се вбројува во редот на големи европски езера, како што се Женевското, Боденското и други. На југот на Европа, тоа е секако едно од најголемите, а истовремено и едно од најдлабоките езера. Неговата длабочина достигнува до 289 m.
Езерото е сместено во длабока и затворена котлина. Од сите страни, а посебно од западната и источната, се издигаат високи планини. На исток тоа е планината Галичица (2255 m), а на запад Мокра Планина и Јабланица (1945 m). Се наоѓа на надморска височина од 695 метри.
Во сливот на Охридското Езеро припаѓаат 40 реки, од кои 23 на албанска и 17 на македонска територија.
Вкупниот волумен на езерото изнесува 58,6 km3.
Охридското Езеро се одликува со уникатен екосистем, богат со ендемски и реликтни растителни и животински видови. Посебноста на езерото е резултат на географската изолација и големата геолошка старост, што е одлика за само уште неколку езера во светот, како што се Бајкалското, Каспиското, Тангањика и др. Исто така и сливот на Охридското Езеро се одликува со богат биодиверзитет и неколку растителни видови ендемични за Балканскиот Полуостров.
Бреговите на Охридското Езеро биле населени од предисториско време. Најстарите археолошки населби датираат од неолитскиот период, околу 6000 години п.н.е. Само на македонската страна од сливот се откриени повеќе од 170 археолошки места.
Благодарение на ваквите особености, во 1980 година Охридското Езеро и градот Охрид се прогласени за Светско културно наследство, под заштита на УНЕСКО.