Народна федеративна партија
Од Википедија, слободна енциклопедија
Народната федеративна партија (НФП), позната и како Бугарска народна федеративна партија, беше македонска политичка партија, што ја формира левото, отцепено крило на ВМОРО по избувнувањето на Младотурската револуција.
Основачкиот конгрес на НФП се одржа во август 1909 во Солун. На тогаш одржаниот конгрес беше избрано Централно биро на партијата на чело со Димитар Влахов. Останатите членови на Централно биро беа Ан. Матлиев и Христо Jанков. При тоа, Влахов го презеде и редактирањето на партискиот орган - весникот „Народна волја“.
Многу брзо во партијата настанаа фракционерски разидувања. Во јануари 1910 Христо Чернопеев преминува во илегалност, придружувајќи и' се на обновената ВМРО, а Централното биро го исклучува Јане Сандански со цел да се ослободи од револуционерните елементи во Партијата. Сандански и неговите приврзаници не се помирија со настанатата ситуација и подготвуваа вонреден конгрес. Тој се одржа во април 1910. Централното биро на чело со Влахов е разрешено и е избрано ново раководство во состав: Х. Тенчев (претседател), Димитар Мирасчиев, Чудомир Кантарџиев, Александар Бујнов и Таската Спасов - Серски.
Поради зголемениот притисок од страна на младотурскиот режим, просторот за делување на сите политички партии, вклучително и на НФП, набрзо беше стеснет и во август 1910 НФП беше забранета.