Димитар Влахов
Од Википедија, слободна енциклопедија
Димитар Влахов (8 ноември 1878, Кукуш - 7 јуни 1953, Белград) е македонски револуционер и државник.
Се школува во родниот град, Солун и Софија. Студира во Германија и Швајцарија, а во 1903 година дипломирал хемија на Софискиот универзитет. Рано се вклучува во македонското национално-ослободително движење. Во 1904 година станува член на ЦК на ВМРО и раководител на ВМРО во Солун. За време на Хуриетот е истакнат член на Народната федеративна партија (Бугарска секција) и е избран за пратеник во младотурскиот парламент (1908-1912). Делува и во рамките на Солунската социјалистичка федерација. По Балканските војни револуционерната дејност ја продолжува во емиграција.
Влахов е еден од основачите на ВМРО (Обединета). Од 1925 до 1944 година е член на Бугарската комунистичка партија. Од 1936 до 1944 год. живеел во СССР. Во емиграција бил уредник на весниците „Македонско дело“ и „Балканска федерација“. По 1944 се враќа во Македонија и станува член на ЦК на Комунистичката партија на Македонија. На Второто заседание на АСНОМ е избран за потпретседател, а потоа и за потпретседател на Президиумот на сојузното собрание на ФНРЈ.
Умира во Белград во 1953 година.