Струга
Од Википедија, слободна енциклопедија
Струга е град во југозападниот дел на Република Македонија и центар на Општина Струга. Градот Струга лежи во рамнината на Струшкото Поле на двата брега на реката Црн Дрим и на северниот брег на Охридското Езеро. Од Скопје е оддалечена 171 км, а од Охрид 15 километри.
Содржина |
[уреди] Население
Според пописот од 2002 година во градот Струга живеат 16559 жители, а етничкиот состав на населението на градот Струга е следниов:
- Македонци 8901 (53,75%)
- Албанци 5293 (31,96%)
- Турци 907 (5,48%)
- Роми 97 (0,59%)
- Власи 550 (3,32%)
- Срби 72 (0,43%)
- Бошњаци 16 (0,10%)
- останати 723
[уреди] Потекло на името
Името на Струга произлегува од чист и карактеристичен словенски збор. Народот на Струшко и Охридско дава две свои објаснувања за потеклото на ова име.
Според првото народно толкување, името Струга доаѓа од отворената географска положба на градот: место каде што постојано струже (дува) ветер.
Второто е сосем поинакво: одамна некогаш Македонските Словени (Брсјаци и Мијаци) во Струшко се занимавале со сточарство и во точно определено време ги дотерувале многубројните овци на стриг (стрижење волна) во близина на истекот (Устата) на Црн Дрим од Охридското Езеро. Меѓутоа, тоа може многу пологично да се поврзе со преминот низ ограда за молзење овци, наречен струга (страга, стронга).
Некои автори тврдат дека градот е наречен така заради тоа што Црн Дрим поминува низ далјаните (турски збор за место заградено со трски и друг материјал за лов на јагули и риби воопшто).
Можеби е најблиску до вистината објаснувањето дека Струга значи речен ракав, притока (во случајов истек на Црн Дрим) и тоа на место со уреди за риболов.
За првпат под словенското име Струга, градот се споменува во еден документ од 11 век. Во друг документ од 16 век (Калимановата грамота) е дадена една царска повелба "приходите од рибното ловиште на град Струга да се изспраќаат на Зографскиот манастир".
[уреди] Историја
Струга е стара населба која потекнува од неолитскиот период. Во антиката, Струга има многу профитирано заради тоа што се наоѓала на патот Виа Игнација, кој ги поврзувал источното и западното римско царство. Археолошките наоди и откриените пишувани споменици зборуваат дека животот овде датира уште од праисторијата. Првата неолитска населба е регистрирана околу 3.000 години п.н.е. Античкото име на градот е Енхалон што значи јагула, а сегашното име Струга го добива подоцна од страословенскиот збор „страга“ што означува премин.
На подрачјето на Струга досега се регистрирани преку 120 археолошки локалитети, остатоци на антички и други населби, некрополи и други сакрални објекти. За прв мисионер во ранохристијанскиот период во овај крај се смета антиохискиот епископ Еразмо кога започнува и изградбата на првите цркви и манастири. Впрочем не случајно според најновите сознанија токму тука св. Климент го основал своето прво манастирско училиште. Месноста и рекичката која течела покрај неговото престојувалиште и денеска го носат името Климетица. Нешто подоцна за време на македонското царство на Самуил регулиран е истекот на реката Црн Дрим со изградба на повеќе канали и мостови, а Самуилова задужбина е и црквата врз чии темели во 1835 година е подигнат сегашниот соборен храм Св. Ѓорѓија.
Во XI век Струга ја посетува византиската патописка Ана Комнен во чии записи Струга се нарекува град на сто мостови. Во средниот век благодарение на веќе постојната Виа Игнатиа и Самуиловите новоизградени патишта Струга веќе станува и богат трговски центар. Патописецот Бернард ја опишува како значајна крстосница, а Евлија Челебија кој овде престојувал во втората половина на 17 век сведочи за големите струшки панаѓури по два во текот на годината на кои доаѓале и до 50.000 посетители. Месноста на кои биле изградени илјадници дуќани и други објекти и денес се нарекува Панаѓуриште. Деветнаесетиот век поминува во знакот на преродбата и ослободувањето од грчкото духовно влијание. Токму Струга преку браќата Димитрија и Константин Миладиновци станува предвесник и средиште на македонската народна преродба.
[уреди] Во Струга се родени
- Браќа Миладиновци - (Димитар и Констанин Миладинови) македонски преродбеници и собирачи на народно творештво
- Христо Матов - револуционер
- Ристо Крле - (1900 - 1975) - писател [1]
- Вангел Коџоман - (1904 - 1994) - сликар
- Владо Малески - (1919 - 1984) - писател, автор на химната на Република Македонија [2]
- Разме Кумбароски - (1944 - ) - писател [3]
- Димитрие Дурацовски - (1952 - ) - писател [4]
- Мирче Клечкароски - (1959 - ) - поет [[5]]
Градови во Македонија | ||
---|---|---|
Берово | Битола | Богданци | Валандово | Велес | Виница | Гевгелија | Гостивар | Дебар | Делчево | Демир Капија | Демир Хисар | Кавадарци | Кичево | Кочани | Кратово | Крива Паланка | Крушево | Куманово | Македонски Брод | Македонска Каменица | Неготино | Охрид | Пехчево | Прилеп | Пробиштип | Радовиш | Ресен | Скопје | Струга | Струмица | Свети Николе | Тетово | Штип |