Версајски дворец
Од Википедија, слободна енциклопедија
Версајскиот дворец (француски: Château de Versailles) е кралски дворец, кој се наоѓа во непосредна близина на селото Версај во Франција. Почнувајќи од 1682 год. кога кралот Луј XIV се преселил таму од Париз, па сé додека кралското семејство не било приморано да се врати во Париз во 1789, Версајскиот двор бил центарот на моќта.
Во 1660 год. кралот Луј XIV, кој веќе станал доволно возрасен за да владее, барал соодветно место за дворец близу Париз кој ќе биде истовремено доволно далеку за да се избегне бучавата на градот. Тој израснал со нередите на граѓанската војна помеѓу сопернички аристократски семејства и затоа барал место каде што ќе може да ја организира и комплетно контролира владата на Франција на начин на кој тој ќе биде во апсолутен центар на внимание. Тој избрал едно ловно засолниште од татка си и решил да го претвори во дворец. Во 1661 год. архитектот Луј Ле Во направил некои додатоци на засолништето кои подоцна биле понатаму доградени од негова страна (1668). Во 1678 год. архитектот Жил Хардоан Мансар ја превземал задачата и доградил уште две крила, кралска капела и познатата Хала на огледалата. На 6 мај, 1682 Луј XIV конечно се преселил во дворецот. Меѓу другото, дел од поставениот мебел бил префрлен од дворецот Во-ле-Викомт кој му припаѓал на Министерот на финансии Никола Фуке, но бил конфискуван заради тоа што Фуке бил фатен во финансиска проневера.
Подоцна, времето на кралевите Луј XV и Луј XVI кон комплексот биле додадени уште неколку помали згради во Версајскиот парк како Големиот Тријанон и Малиот Тријанон и селцето на кралицата Марија Антоанета познато како Petit hameau, кое на некој начин било еден од првите музеи на отворено во светот.
Содржина |
[уреди] Политика на изложување
Величенственоста на Версај е толку очигледна што современите туристи често се распрашуваат за тоа колку чинел - прашање кое никогаш не би го поставиле доколку би биле во катедралата Шартр, на пример. Тоа прашање всушност и не е вистинско историско прашање. Вистинското, индиректно прашање гласи: „Дали вредело?“
Анахроната предпоставка зад која стои оваа љубопитност за „цената“ на Версај е гледиштето дека ова е многу голема куќа со кралски димензии. Но тоа не е така: Версај бил дом и на француското благородништво и местото на кралскиот двор. Самиот Луј XIV живеел таму и симблично централната одаја на пространата последователна низа на згради била Спалната соба на кралот (Chambre du Roi), во чиј центар се наоѓа раскошниот кревет поставен позади богато украсена ограда. Целата власт и моќ во Франција произлегувала од овој центар: тука биле владините канцеларии и домовите на илјадници личности. Со тоа што барал од секој благородник да проведе определено време од годината таму, Луј му оневозможувал на благородништвото да оди наспроти системот на централизација на француската влада во рамките на таа апсолутна монархија.
[уреди] Цена
Трошокот за одржување на Версај заедно со издршката на кралскиот двор изнесувал околу 6% од буџетот на Франција.
Мекдугал Лител во неговата книга: World History: Patterns of Interactions (2001), го проценува трошокот за изградба на околу 2 милијарди американски долари во 1994 год.
[уреди] Корисност
Друг начин на гледање на овој трошок е корисноста на овој дворец за Франција. Версај, со заклучување на благородниците во златен кафез, ги запрел периодичните бунтови и борби на аристократијата кои ја пустошеле Франција со векови. Исто така овој систем ја уништил аристократската власт во провинциите и овозможил централизација на власта, за што најголемиот број на денешни французи му се благодарни на Луј XIV, иако подоцнежмата француска централизација е сеуште тема на расправа.
Версај исто така имал огромно влијание на француската, а со тоа и врз европската уметност и архитектура (бидејќи Франција била водечка сила на тој план). Уште од почетокот Версај бил замислен не само како кралски дом, туку и како витрина на француската уметност и мајсторство организирано во кралските работилници Гоблен.
[уреди] Атракции
[уреди] Халата на огледалата
Халата на огледалата (француски: Galerie des Glaces) е голема одаја во дворецот која се смета за една од најголемите атракции.
Галеријата (galerie) е започната во 1678 год. во исто време кога дворецот станал официјална резиденција на кралот. Изградбата завршила во 1684. Оваа одаја многу пати се споменува во дневникот на Марија Антоанета.
По потпишувањето на Нијмегенскиот договор (1678) во зенитот на неговото владеење, Луј XIV го вработил Шарл Ле Брун како сликар за да ја одслика добродетелта на неговата влада. Сликарот смислил 30 сцени, врамени во малтер: кралот е прикажан како римски цар, како голем администратор на неговото кралство и како победник над странските сили.
Токму во оваа хала е прогласено Германското царство на 18 јануари, 1871 год., по победата на Германија над Франција во Франко-пруската војна. Во истата хала Германија го потпишала Версајскиот мировен договор (1919) во кој стои дека Германија е виновна за Првата Светска војна.
Галеријата се наоѓа на првиот спрат од дворецот и во неа има 578 огледала. Нејзините димензии се 73 м во должина, 10.50 м во ширина, и 12.30 м во висина. Лоцирана е помеѓу Халата на војната (salon de la Guerre) со нејзиниот северен крај и покрај Халата на мирот (salon de la Paix) на најзиниот јужен крај.
Седумнаесет прозорци кои гледаат кон градините стојат наспроти седумнаесет арки во кои се наоѓаат огледала. Овие огледала, кои во своето време биле со исклучителна големина биле произведени од страна на Сан-Гобен, работилница од Париз основана од Жан-Баптист Колбер како конкуренција на венецијанските продукти од таков тип.
[уреди] Војна употреба
По поразот на Франција во Франко-Пруската Војна дворецот служел како генерал-штаб на германската војска од 5 октомври, 1870 до 13 март, 1871 год. и ова е зградата каде шт било прогласено Германското царство на 18 јануари.
Разорноста на војната и запоставеноста низ вековите оставиле голема трага на дворецот и неговите огромни градини. Современите влади на Франција од периодот по Втората Светска војна се погрижиле да ги поправат овие штети. Тие биле генерално успешни во тоа, но некои од поскапите предмети, како неизмерниот број на фонтанисуште не се целосно пуштени во употреба. Иако денес нивната спектакуларност е вчудоневидувачка, нивниот број бил многу поголем во XVIII век кај водопадот во Марли— се наоѓала Марлиската машина (machine de Marly) која ги напојувала фонтаните— таа била веројатно најголемиот механички систем во своето време. Водата патувала од далеку по монументални аквадукти кои денеска повеќе не постојат заради долго неодржување.
[уреди] Пост-кралски: музеј-споменик
За време на Револуцијата како кралскиот накит, така и сликите и склуптурите, му биле доделени на новиот музеј Лувр како дел од културното богатство на Франција. Другите содржини биле поставени за да служат важна морална улога: книгите и медалите биле предадени на Националната библиотека, а часовниците и научните инструменти (Луј XVI бил голем вљубеник во науката) на Школата на Уметностите и Занаетите. Версај сеуште бил најдобро уредената кралска резиденција во Европа, но по догите аукции низ револуционерните месеци толку многу предмети биле продадени, што Версај се испразнил. Непосредната причина за тоа било финансирањето на народните армии, но долгосежната стратегија била да се издејствува така што повеќе нема да има Версај каде што било кој крал би можел се врати. Стратегијата работела. Иако Версај бил прогласен за империјална палата, Наполеон никогаш не провел ни една ноќ таму.
Иако во кралска сопственост, Версај останал неискористен и за време на повторното воспоставување на династијата Бурбони. Во 1830 год. политичарот Луј-Филип се прогласил за „Граѓански Крал“]] и го прогласил дворецот за музеј на „сета слава на Франција“, и со тоа за прв пат го издигнал над функцијата на Бурбонски династиски споменик. Истовремено, буасериите (декорирани дрвени ѕидни облоги) од приватните апартмани на благородниците и дворјаните биле остранети и без никаква ознака за нивното потекло биле продавани на новиот пазар за такви облоги во Париз и Лондон. Останале 120 одаи, денешните „Galeries Historiques“.[1]
Во 1960-тите, Пјер Верле, најголемиот изучувач и писател на тема француски мебел успеал да врати некои предмети од од музеите, министерствата и амбасадорските резиденции каде што тие се имале распрснато, првобитно од Mobilier National. Тој смислил план за реставрација и одново уредување на Версај и токму заради него денес го гледаме тоа што го гледаме.
Денес, мудриот посетител доаѓа пред главниот влез на Големите апартмани на кралот (Grands appartements du Roi) во 08:30, без да чека со часови во редица. Веќе во 11:00 часот наутро апартманите се преполни со толпи луѓе. Туристичките водичи ги водат своите групи со марамче на стап за прегледност и зборуваат сите истовремено. Во лето кралските апартмани затвораат во 17:30 и најмудрите посетители би дошле нешто пред 17:00, плаќаат намалена влезница и си одат последни.
[уреди] Видете исто така
- Француски барок и класицизам
- Француско рококо и неокласицизам
- Конзервација на замоци
[уреди] Надворешни врски
- Официјалната веб страница (англиски)
- Приказната на Версај од Francis Loring Payne, од Проектот Гутенберг (англиски)
Статијата Версајски дворец е пример меѓу одбраните статии. Ве повикуваме и Вас да напишете и предложите одбрана статија. |