Кронштатски бунт
Од Википедија, слободна енциклопедија
Кронштатскиот бунт е неуспешен бунт против болшевичката власт во Русија од март 1921. Се случи во Кронштат, поморска база во близината на Санкт Петербург.
По победата на болшевиците над контрареволуцијата во Граѓанската војна, народните маси очекуваа ублажување на репресивниот карактер на новата комунистичка власт. Очекувањата сепак не беа исполнети, по што кон крајот на февруари 1921 во Санкт Петерсбург (тогашен Петроград) избувнаа штрајкови. Комунистичката власт ги задуши штрајковите, по што морнарите од Кронштат („гордоста и славата на Револуцијата“, според зборовите на Троцки) испратија своја делегација да ја испита ситуацијата во Петроград.
Врз основа на сознанијата до кои дојде кронштатската делегација, екипажите на два брода, „Петропавловск“ и „Севастопол“, изгласаа резолуција, која беше прифатена од страна на јавниот собир што се одржа во Кронштат на 1 март. Во резолуцијата беа поставени 15 барања:
- Веднаш да се одржат нови избори со тајно гласање, а при предизборната кампања да има целосна слобода на агитирањето помеѓу работниците и селаните;
- Да се воспостави слобода на говорот и печатот за работниците и селаните, анархистите и левите социјалистички партии;
- Да се обезбеди слобода на собирањето за работничките синдикати и селанските организации;
- Да се свика непартиска конференција на работниците, војниците на Црвената армија и на морнарите од Петроград, од Кронштат и од Петроградската околија, не подоцна од 10 март 1921;
- Да се ослободат сите политички затвореници од социјалистичките партии, како и сите работници, селани, војници и морнари затворени во врска со работничкото и селанското движење;
- Да се избере комисија за да ги разгледа случаите на оние што се држат во затвор и во концентрациони логори;
- Да се укинат сите политички бироа, зашто никоја партија не треба да има специјални привилегии при пропагирањето на нејзините идеи или да добива финансиска поддршка за такви цели. Наместо тоа, треба да се основаат образовни и културни комисии, кои ќе бидат локално бирани, а финансирани од владата;
- Веднаш да се укинат сите загрјадителније отрјади (вооружени единици организирани од страна на болшевиците со цел задушување на трговијата и конфискување на прехранбени и други производи);
- Да се изедначат следувањата на сите што работат, со исклучок на оние што се вработени во струките што се штетни по здравјето;
- Да се укинат комунистичките борбени оддели во сите родови на војската, како и комунистичките гарди што се држат на должност во заводите и фабриките. Ако се смета дека овие гарди или воени оддели се неопходни, тие треба да се назначуваат од обичните војници во војската, а во фабриките според проценките на работниците;
- Да им се даде полна слобода на делување на селаните во поглед на нивната земја, а исто така и право да чуваат стока, под услов да ја обработуваат со сопствени средства, односно единствено без да вработуваат работна сила;
- Да се побара од сите родови на војската, како и од нашите другари воените курсисти, да се согласат со нашите резолуции;
- Да се бара печатот да им даде најцелосен публицитет на нашите резолуции;
- Да се назначи една подвижна контролна комисија;
- Да се дозволат слободно кустарско производство (индивидуално, во мала мера) преку сопствен труд.
Комунистите, иако во 1917 ја освоија власта со паролата „сета власт на советите“, сега, кога власта цврсто беше во рацете на нивната партија, не сакаа да ја предадат власта на советите, односно на народот. Ширејќи ја неточната вест дека она што се случува во Кронштат е контрареволуционерен бунт со кого раководи поранешниот царистички генерал Козловски, болшевиците се подготвуваа за вооружен напад врз Кронштат.
Нападот започна на 7 март во вечерните часови. По 10-дневни постојани борби, болшевиците продреа во градот, каде извршија масакр врз населението.
Да биде иронијата голема, само ден по падот на Кронштат, на 18 март, болшевиците ја прославија годишнината на Париската комуна, творба на работниците на Париз чиј пандан болшевиците штотуку во крв го задушија.