Ал Акса интифада
Од Википедија, слободна енциклопедија
Ал Акса интифадата (или Втората интифада) е обновување на израелско-палестинскиот конфликт што започна во септември 2000 година. Оваа интифада сè уште е во тек, иако во 2005 година по смртта на Јасер Арафат и по едностраното израелско повлекување од Појасот Газа е утврдено примирје помеѓу двете страни.
Бројот на жртви во текот на овој судир од 2000 до 2004 година се проценува на 3.223 Палестинци и 950 Израелци. Овие бројки се критикувани, бидејќи не прават разлика помеѓу убиените војници и убиените цивили.
Содржина |
[уреди] Вовед во Интифадата
По потпишувањето на Договорот од Осло и формирањето на Палестинската самоуправа, тензиите помеѓу израелската и палестинската страна се намалија, но никогаш не исчезнаа. Двете страни почнаа сè почесто да се обвинуваат за неспроведувањето на Договорот. Под меѓународно покровителство, особено со посредништво на САД, беа спроведени серија преговори на двете страни, но сите завршуваа со неуспех. Последните преговори пред почетоко на Втората интифада се одвиваа во Кемп Дејвид, САД, во јули 2000 година. Израелската и палестинската страна беа блиску до договор, но преговорите сепак пропаднаа.
[уреди] Почеток на интифадата
Како резултат на пропаднатите преговори, во септември Палестинците извршија неколку напади врз израелски воени и цивилни цели. Масло на огнот беше посетата на Ариел Шарон, тогашен лидер на опозициската партија Ликуд, на Храмот на ридот и џамиите Ал Акса во Ерусалим на 28 септември, посета што критичарите ја сметаат за намерна провокација на Шарон со цел да ги предизвика Палестинците. Веќе следниот ден се случија масовни демонстрации на Палестинците во Ерусалим, при што беа убиени неколкумина демонстранти. Демонстрациите се проширија и на Западниот брег и во Газа, а во октомври почнаа насилни демонстрации и израелските Арапи во самиот Израел.
[уреди] Ескалација на интифадата
Како одговор на демонстрациите, Израел изведе одмазднички воздушни напади врз Палестинската самоуправа. Хамас, Исламски џихад и Бригадите на Ал Акса започнуваат со самоубиствени напади врз израелски цели. Особено крвав е нападот на Хамас од 1 јуни 2001 година во Тел Авив кога загинува 21 Израелец, главно студенти. На 27 август израелската војска го убива Абу Али Мустафа, генерален секретар на Народниот фронт за ослободување на Палестина, по што, во знак на одмазда, Народниот фронт на 17 октомври 2001 година извршува атентат врз Рехавам Зееви, израелски десничарски политичар и министер за туризам.
На 27 март 2002 година бомбаш самоубиец на Пасха убива 29 лица во напад врз хотел во израелскиот град Нетанија. На 29 март Израел донесува одлука да го изолира палестинскиот лидер Јасер Арафат при што израелските трупи упаѓаат на палестинска територија и го држат под опсада седиштето на Арафат во Рамалах. Исклучително крвави судири избувнуваат во бегалскиот камп во Џенин. Убиени се 32 палестински милитанти, 22 палестински цивили и 23 израелски војници.
Под притисок на САД, во март 2003 година Арафат го именува за премиер Махмуд Абаз, кого Американците и Израелците го сметаат за поумерен партнер за преговори. Во јуни 2003 година Хамас и Исламски џихад еднострано прогласуваат 45-дневни примирје, но израелската страна не запира со провокациите. Израелската контратерористичка полиција убива еден локален лидер на Хамас по што на 19 август 2003 година Хамас извршува самоубиствен напад врз автобус во Ерусалим, убивајќи 23 израелски цивили, вклучувајќи 7 деца. По овој атентат израелската добива наредба да ги убие сите водачи на Хамас на Западниот брег. На 6 септември израелската војска врши неуспешен атентат врз водачот на Хамас, Ахмед Јасин, а во акциите насочени против Хамас загинуваат доста активисти на движењето.
На 2 февруари 2004 година израелскиот премиер Шарон го претставува планот за евакуација на еврејските населби од Појасот Газа, но тоа не значи и запирање на израелската офанзива, ниту пак прекин на обидите за атентати врз водечките личности на Хамас. На 22 март израелските сили го убиваат шеикот Ахмед Јасин, а на 17 април и неговиот наследник на чело на Хамас, Абдел Азис ал-Рантиси. На 19 мај израелската војска убива 20 до 40 Палестинци меѓу кои има и деца кои протестираа во бегалскиот камп Рафах.
На 11 ноември 2004 умира палестинскиот лидер Јасер Арафат, а на изборите што се одржуваат во јануари 2005 година Махмуд Абаз е избран за негов наследник. На 8 февруари Абаз и Шарон се сретнаа во Шарм ел Шеик и се договараат да прогласат примирје помеѓу Израел и Палестинската самоуправа. Сепак, Хамас и Исламски џихад изјавија дека нема да го почитуваат примирјето и судирите продолжуваат.
Во септември 2005 година израелските трупи и доселеници се повлекуваат од Појасот Газа во согласност со претходните најави на израелскиот премиер Шарон.
На палестинските парламентарни избори од јануари 2006 година победа извојува Хамас. Поради продолжените израелски напади на 9 јуни Хамас изјавува дека го прекинува примирјето што го прогласи во 2005 година. На 25 јуни палестински милитанти напаѓаат израелски воен објект при што убиваат двајца војници, а еден заробуваат. Тоа за израелските трупи е повод на 28 јуни да започнат нова голема офанзива врз Појасот Газа. Оваа операција со избувнувањето на Израелско-либанската војна израелските сили ја ставаат во втор план, за во есента 2006 година повторно да започнат со напади врз Појасот Газа. При најсериозниот од есенските инциденти, на 8 ноември при бомбардирање на Бејт Ханун, израелската војска уби најмалку 19 цивили, вклучувајќи жени и деца.
[уреди] Надворешни врски
- Застрелан израелски министер
- Најмалку 20 Евреи настрадаа во напад на палестински бомбаш
- Израелците го убија лидерот на Хамас, шеикот Јасин
- Убиен лидерот на Хамас
- Израел и Палестинците прогласија примирје
- Заврши евакуацијата на израелските населби во Газа
- Палестина: Убедлива победа на „Хамас“
- Израелците испотепаа цивили, Палестинците збеснаа