Крсте Петков Мисирков
Од Википедија, слободна енциклопедија
Крсте Петков Мисирков | |
---|---|
македонски национален деец
|
|
Роден | 18 ноември, 1874 Постол, Егејска Македонија (ден. Грција) |
Починал | 1926 Софија, Бугарија |
Крсте Петков Мисирков (уште Крсто Мисирков, во Бугарија познат и како Кръстю (Кръстьо) Мисирков, Кръсте Мисирков, Крста Петкович ; во Србија познат како Крста Петковић (Петковиќ); во Русија Кристе Мисирков) е роден на 18 ноември (6 ноември) 1874 година во село Постол (како што самиот честопати напоменува, некогашна Пела, престолнината на големиот македонски крал Александар Македонски), Ениџевардарско, во Беломорскиот (Егејскиот) дел на Македонија.
До IV-тото одделение, учи во во патријаршиско-грчко училиште. Во 1889 година тргнува за Белград да учи гимназија. Покасно избегал во Софија. Бидејќи во учебната 1890 - 1891 година во Софија го завршил II и го започнал III клас, тој бил примен да го продолжи образованието во една белградска гиманзија. Кога Мисирков се запишал во II клас на Богословско-учителската школа во Белград доаѓа до бунт во школата. Оваа школа била под директен патрон на србско-пропагандистичкото друштво Свети Сава кое спроведувало србизаторска политика и војничко-језуитски режим во училиштето. Во раководството на овој бунт, се нашол и Крсте Петков Мисирков.
Во Белград се основа Ученичка дружина Вардар чија официјална цел, според нејзините правила, гласи: Да работи врз испитување и запознавање на својата татковина во географски, етнографски и историски поглед, а чии неофицијални, а вистински цели, според нејзиниот основач Крсте Петков Мисирков биле : Него i ите члено i и да се запозна i ат и да си изработат i една програма, која ке i а осашчествуваат во Македони i а та i но од србцката пропаганда .
Мисирков, во 1895 година добива учителско место во Приштина, како најдобар питомец според успехот од таа генерација. Но тој, наместо да се јави во Приштина, со добиените средства тајно се префрла во Одеса.
Во Одеса учителската школа од Белград не му е признаена како полно средно образование, па Мисирков со помоош на застапништвото на Владимир Карлович Саблер, е упатен на дошколување во V клас на Духовната семинарија во Полтава, во денешна Украина.
На 18 јули 1896 година го моли бугарското Министерство за просвета во Софија да биде запишан како студент, но тие веќе на 9 август го одбиваат. Веднаш, на 11 истиот месец, испраќа писмо до институтот на кнезот Безборотко во градот Нежин, но и тука е одбиен. По една година, на 12 јуни 1897 година Мисирков се пријавува во Московската градска управа на конкурс за доделување стипендија [[И. С. Аксаков]], но и тука е одбиен.
Тогаш од Полтава, Мисирков заминува за Санкт Петербург кај својот покровител В. К. Саблер, кој го препорачува кај помошникот министер за одбрана да биде запишан на Историско-филолошкиот факултет на Московскиот универзитет, што била најголемата желба на Мисирков, но поради законски пречки и тука е одбиен.
Успева да се запише на Военомедицинската академија во С. Петербург, каде што му ги нострифицирале документите и тој веднаш, на 12 септември 1897 година, се префрла на саканиот Историско-филолошки факултет.
На 5 јануари 1898 година го моли Петербуршкото словенско благотворно друштво за материјална помош, опишувајќи ја својата невозможна положба, предизвикана од својата сопствена грешка која се состои во запоставување на своите лични интереси пред интересите на мојата татковина и народот. Кога во март 1898 година најпосле ја добил својата стипендија, здравјето веќе знатно му се разнишало.
Целиот октовмри 1898 година Мисирков го поминува на лекување во Клиничката воена болница во С. Петербург, а потоа по лекарски совет заминува за Македонија. Во пролетта 1899 година се враќа од Македонија, но повторно со нарушено здравје, тешко се разболува и во јуни повторно е испратен на лекување дома, а во С. Петербург се враќа во септември. Летото 1900 година, Мисирков патувајќи за Македонија на бродот Одеса кој патувал за Солун се среќава со професорот Петар Алексеевич Лавров кој патува за Македонија како член на Македонската експедиција, на Руската академија на науките. Тоа му дава шанса на Мисирков да му го препорача родното село Постол, на професорот, за филолошко-етнографски истражувања. Самиот професор Лавров во еден извештај, пишуван веројатно на почетокот на 1901 година, запишал дека се сретнал со Мисирков.
При престојот во Постол, древна Пела, професорот Лавров му препорачал на својот иден студент не само да собира македонско народно творештво (што Мисирков го правел и порано), туку и да направи дијалектолошко-историски опис на родниот крај на македонски јазик. Од овој период се првите досега познати најрани фонетски записи на родниот јазик на Крсте Петков Мисирков и дваесетината пронајдени записи на народни песни. Така Мисирков станал мошне близок со својот професор Лавров и со негова помош подготвувал цела серија од материјалите кои ги донел од Македонија, посебен граматички опис на Постолскиот говор, македонско-руски речник и издание на собраните македонски народни песни. Лавров распишал и конкурс за награда, специјално за Мисирков, под наслов Народните песни на Македонските Словени како етнографски извор.
Мисирков со задоволство започнува да работи на конкурсната тема, но поради здравствени причини и климатските услови во Петербург тој е принуден да замине за Одеса. Тука тој ја подготвува својата дипломска работа Кон прашањето за народноста и причините за популарноста на македонскиот крал Марко која ја одбранил со одличен успех во наредната пролет во Петербург под менторство на П. А. Лавров.
Тој е еден од основачите на Тајниот македонско-одрински кружок (ТМОК) во С. Петербург во септември 1900 година, чија цел, според зачуваниот Протокол била: Да го помага материјално и морално македонското дело и според своите можности, да го следи неговиот развиток. Во 1902 година, веднаш по дипломирањето, кога се спрема за постдипломски студии, Мисирков станува претседател на ТМОК и негов најактивен член.
Заедно со Димитрија Чуповски, Г. Константинович, Стефан Јакимов Дедов, Дијамандија Трпков Мишајков (двајцата дојдени од Белград) и други македонски студенти и емигранти, на 28 октомври 1902 година, го основале Македонското студентско друштво „Св. Климент“, кое во следната година, со подготвен устав го добива конечното име Македонско научно-литературно другарство Св. Кирил и Методија.
Писмено се откажува од подготовката за професорско звање на Катедрата за словенска филологија и решава да ја прифати егзархиската понуда да биде преподавател во Машката класична гимназија.
Посебно значење има и зближувањето на Мисирков со рускиот конзул во Битола А. А. Ростковски, со кого прв пат се сретнува во С.-Петербург во 1897 година. Во Битола Ростковски го зема Мисирков за учител на своите деца, со што Мисирков добил можност да влезе во дипломатските кругови на битолскиот дипломатски круг и да биде во тек со актуелната балканска и европска политика за Македонија.
Во Битола пристигнал првиот (привремен) претседател на Другарството во Петербург Дијамандија Т. Мишајков. Тие се поврзуваат со активноста на Стефан Ј. Дедов, кој се наоѓа во Софија со задача да го издава неофицијалниот орган на Другарството Балканъ.
Во екот на востаничките акции на Илинден се случува убиството на рускиот конзул во присуство на Мисирков, поради што тој мора да замине за Русија во придружба на телото на убиениот конзул, како сведок.
Во есента на 1903 година Крсте ја оформил книгата За македонцките работи и отишол во Софија за да ја напечати.
Мисирков и тука од македонските интелектуалци и револуционери составува Македонско научно-литературно другарство и со помош на својот содругарственик Стефан Ј. Дедов се обидува да го обезбеди и пласманот на својата книга.
Покасно, по покана на една група студенти од Белград, Мисирков тргнува со театарската група на Војдан Чернодрински за српската престолнина.
Во продолжението на неговиот живот, Крсте Мисирков се чини дека ги напушта македонските позиции. Така на пример, во весникот „Мир" од 8 март 1919 год. К.П.Мисирков пишува: "..Зошто Србите ја сакаат Македонија? Што српско има во таа чисто бугарска земја, која останува таква од 6-ти век и до денешен ден, покрај превратностите на историската судбина" [1]. Сепак кон крајот на животот, тој јасно го искажува своето македонско национално самосознание во неговиот последен текст "Самоопределувањето на Македонците", (објавен исто така во "Мир" на 25 март 1925 год), во кој вели: "Свеста и чувството дека сум Македонец треба да стојат повисоко од сè друго на светов. Македонецот не треба да се слева и да се обезличува живеејќи меѓу Бугари и Срби. Ние можеме да ја констатираме блискоста на српските, бугарските и македонските интереси, но сè треба да биде оценувано од македонско гледиште."
[уреди] Надворешни врски
- Мислења за Крсте Мисирков, Форум
- Мисирков не дозволи да биде асимилиран
- Крсте Петков Мисирков
- Крсте Петков Мисирков - За Македонцките работи
- Ванчо Михајлов за Крсте Мисирков
- Го покажуваат само едното лице на Крсте Мисирков
- [2] НОВЫЕ МАТЕРИАЛЫ О ЖИЗНИ И ДЕЯТЕЛЬНОСТИ К. МИСИРКОВА (руски)