Ареометар
Од Википедија, слободна енциклопедија
Ареометарот е инструмент со кој брзо се определува густината на течноста. Конструкцијата на ареометарот е заснована на закони за рамнотежа во хидростатиката. Тоа е затворена стаклена цевка, која во основата е поширока. Во поширокиот дел на цевката се поставени оловни сачми или жива, што овозможува ареометарот да плови во течноста вертикално. Горниот, потесен дел на ареометарот е снабден со скала, фабрички изградуирана во единици за густина, во определени граници на густина.
При мерењето со ареометар, тој се потопува во течноста чијашто густина се мери. Пропаѓањето на ареометарот е директно зависно од густината на течноста. Доколку густината е поголема, дотолку ареометарот помалку ќе потоне во течноста, и обратно. Читањето на густината се прави на тој начин што на скалата се чита поделката што се совпаѓа со нивото на течноста. Притоа, ареометарот дава најточни вредности кога мерењето се врши на температура на која што е градуирана неговата скала. Оваа температура е означена на секој ареометар.