Александар Христов
Од Википедија, слободна енциклопедија
Александар Стоев Христов е роден на 14 февруари 1929 година во с. Јаново, Пиринскиот дел на Македонија. Почина на 20 октомври 2005 г. во Лондон, Англија. Неговата желба, да почива во родната македонска земја, му беше исполнета и на 20 декември 2005 година неговите посмртни остатоци беа погребени во родното село Јаново.
Почетното основно образование го добива во соседното село Петрово. По шесттиот клас гимназија во Свети Врач (денес Сандански) заминува за Скопје, Народна Република Македонија, каде се запишува во Педагошкото училиште. Во 1948 год., кога се затвора границата помеѓу Македонија и Бугарија, тој се наоѓа во Бугарија, и не можејќи да се врати во Македонија, своето образование го продолжува во Благоевград. Но, бугарската власт не му дава да го заврши училиштето и го зема во воена служба, при што е испратен во рудникот за ураниум во селото Блатешница крај Софија. Таму, заедно со други "неблагонадежни граѓани", Александар работи во крајно неподносливи услови.
Свесен за сите опасности за неговиот живот, Александар Христов избегал од рудникот, и на 18 јуни 1951 год. преминал илегално во Грција. Оттаму својот тежок пат на бегалец го продолжил во Бразил. По неколкумесечен престој во оваа земја, тој пак се сели, сега во Франција.
По многу непријатни доживувања, Александар Христов успеал да се запише на Алианс франсез. Овде тој се запознава со Лидија Терек, со која стапува во брак, и подоцна им се раѓаат синот Мајкл и ќерката Хелен.
Во Парис Александар Христов завршил студии по новинарство и социологија. Овде се дружи со многубројни бегалци од Пиринскиот дел на Македонија. Во 1968 година се сели во Лондон и во следните 20 години работи во ВВС, во програмата на бугарски јазик.
Од Лондон одржува врски со Крсто Енчев, на кого во 1980 год. му гостува во Сиднеј, Австралија. Таму, тие двајцата, заедно со Ангеле Вретовски, Георги Чочков, Митре Мојсоски и други Македонци, ги поставуваат темелите на весникот "Народна Волја". Александар Христов ја презема задачата на главен уредник на весникот. Дури во 1992 година целокупната грижа за излегувањето на весникот ја презема неговиот брат Георги Христов.
Александар Христов се занимавал и со пишување поезија. Автор е на пет стихозбирки.