Фолис
Од Википедија, слободна енциклопедија
Првобитно во раниот римски период со терминот фолис се означувало ќесе со определена количина бронзени пари. Со монетарната реформа на Диоклетијан (284-305) во 294 год. била воведена нова голема бронзена монета, чие античко име не е познато, која денес се нарекува нумус или фолис. Тежината на оваа монета изнесува околу 10 г, а истата содржи околу 4% сребро кое е нанесено врз бронзата. Со монетарната реформа во 301 год. тежината на фолисот е редуцирана. Во времето на Константин I (306-337) фолисот, односно нумусот е уште помал и речиси не содржи сребро.
Повторното воведување на фолисот како голема бронзена монета се случило во 498 год. со монетарната реформа на Анастасиј I (491 - 518). Со таа реформа биле воведени знаци на вредност (букви од грчката азбука) забележани на реверсната страна на монетата: М (40), К (20), И (10) и Е (5) нумии, кои се употребувале околу 300 години од нивното воведување, иако во последните децении на употреба буквите го изгубиле своето значење, како ознака за вредноста.