Дијалекти на македонскиот јазик
Од Википедија, слободна енциклопедија
Дијалектите на македонскиот јазик се карактеризираат по местоположбата на регионот во кој се зборуваат. Македонската јазична територија го зафаќа централниот дел на Балканскиот Полуостров, и тоа сливот на реките Вардар и Струма и долниот тек на реката Места.
На запад, македонската јазична територија граничи со албанскиот јазик. Поголемиот дел од таа јазична граница се совпаѓа со државната граница меѓу Македонија и Албанија, а на географски план неа ја претставуваат планинскиот венец Кораб - Дешат - Јабланица, откаде се спушта на југозападниот дел на Охридското Езеро. По должината на оваа граница, на албанска страна остануваат триесетина населени места со македонско население, во долината на реката Дрим, западно од Дебар, и во областа позната како Голо Брдо и три села на брегот на Охридското Езеро околу градот Подградец. Од јужниот брег на езерото, јазичната граница свртува на југоисток и преку планината Галичица излегува на југозападниот брег на Преспанското Езеро, а оттаму продолжува на југ и преку планината Мокра Гора излегува на Грамос, југозападно од Костур. На овој дел од границата, на албанска страна, остануваат десетина села на западниот брег на Преспанското Езеро и три села источно од Корча, Република Албанија.
На југ, македонскиот јазик граничи со грчкиот јазик, на целиот простор од планината Грамос па се до реката Места во Тракија. Според Божидар Видоески и повеќе други лингвисти, јазичната граница навлегува многу подлабоко на југ од денешната државна граница меѓу Македонија и Грција. Така, македонскиот јазик може да се слушне се до линијата Грамос - Бер - Солун. Од Солун таа продолжува на исток и преку областа Богданско (каде се наоѓаат многу познатите, во дијалектологијата села Сухо и Висока) излегува на реката Места, малку посевероисточно од градот Драма.
На исток, македонскиот јазик граничи со бугарскиот јазик. Оваа граница ја претставува планинскиот венец Доспат - Рила. Од Рила границата свртува на северозапад, малку посеверно од Благоевград (Горна Џумаја) и излегува на државната граница меѓу Македонија и Бугарија.
На север, македонската јазична граница се поклопува со државната граница меѓу Македонија и Србија.
На македонско - албанското јазично пограничје, на потесен ареал живее мешано македонско и албанско население. Оваа област ја зафаќа територијата на правецот Скопје - Тетово - Гостивар - Дебар - Струга - Подградец - Корча. Во овој дел населението главно е двојазично.
Во ареалот на македонско - грчката јазична граница, на поширок простор во Егејска Македонија, живее мешано македонско и грчко население. Во северозападниот дел од Грција, покрај македонско, живее и грчко, албанско и ароманско население. Тука населението во голем процент е трилингвално.
Македонското население во Пиринска Македонија, која е во составот на Бугарија, покрај службениот бугарски јазик го употребува и својот мајчин (роден) македонски дијалект. Во источните делови на Пиринска Македонија и во делови од Егејска Македонија до Солун јатовиот глас се изговара како во Источна Бугарија - дјадо (дядо), нјама (няма), млјако (мляко) наместо дедо, нема, млеко и т.н.
Бугарските и некои странски научници сметаат дека македонските дијалекти се бугарски.