Ebooks, Audobooks and Classical Music from Liber Liber
a b c d e f g h i j k l m n o p q r s t u v w x y z





Web - Amazon

We provide Linux to the World


We support WINRAR [What is this] - [Download .exe file(s) for Windows]

CLASSICISTRANIERI HOME PAGE - YOUTUBE CHANNEL
SITEMAP
Audiobooks by Valerio Di Stefano: Single Download - Complete Download [TAR] [WIM] [ZIP] [RAR] - Alphabetical Download  [TAR] [WIM] [ZIP] [RAR] - Download Instructions

Make a donation: IBAN: IT36M0708677020000000008016 - BIC/SWIFT:  ICRAITRRU60 - VALERIO DI STEFANO or
Privacy Policy Cookie Policy Terms and Conditions
Романтизам - Википедија

Романтизам

Од Википедија, слободна енциклопедија

Наполеон Бонапарта, од Жак-Луј Давид.
Зголеми
Наполеон Бонапарта, од Жак-Луј Давид.

Романтизмот е општокултурно, а според тоа и уметничко движење кое се јавува на крајот на XVIII век, а својата полна афирмација ја доживува во првите децении на XIX век. Раѓањето на романтизмот е условено од општествено-историските случувања. Романтизмот се јавува во време на големи општествени потреси и национални движења, во периодот на дотрајувањето и распаѓањето на феудалните општествени односи и зајакнувањето на граѓанството. Показатели на таа општествено-историска вознемиреност се значајните историски настани: Француската револуција во 1789, воздигнувањето на Наполеон и неговите освојувања, победата на реакцијата, како и востанието на декабристите во Русија во 1825.

Овие општествени потреси влијаеле и на животниот идеал. Оформувањето на новиот животен идеал се остварувало низ неколку фази: сентиментализмот и меланхолијата одговарале на расположението на буржоазијата во предреволуционерното време, песимизмот и малаксаноста ја зафаќа аристократијата по завршетокот на буржоаската револуција, а со падот на Наполеон, малаксаноста и разочарувањето добиваат општи размери.

Причинителите на разочарувањето и малаксаноста треба да се бараат во неусогласената граѓанска идеологија и граѓанската стварност. Имено, револуцијата не ги остварила прокламираните идеи - братство, еднаквост и слобода. Генерацијата на романтичарите не верува во усогласеноста на животот како што го предочил рационалистичкиот XVIII век. Тие се откажуваат од идеалот за главната власт на разумот и бараат утеха во емоциите и силниот индивидуализам.

Носител на романтичарското движење била граѓанската класа, па затоа во редовите на романтичарските создатели има голем број на племеници: Јозеф фон Ајхендорф (1788-1857), Џорџ Гордон Бајрон (1788-1824), Алфонс де Ламартин (1790-1869), Михаил Јурјевич Лермонтов (1814-1841), Алфред де Мисе (1810-1857), Александар Сергеевич Пушкин (1799-1837), Перси Биш Шели (1792-1822), Алфред де Вињи (1797-1863) и други.

Романтизмот во уметноста (литературата, сликарството, музиката и театарот) се јавува како реакција на идеологијата и уметноста на претходниот период - класицизмот, односно рационализмот. Наспроти класицистичката поетика, често шаблонизирана и стегната во спрегите на рационалистичките правила и прописи за создавање, романтизмот ја истакнува потполната слобода на мечтите, изумите и тематиките, спротивставувајќи се на сите облици на нормирано создавање.

Содржина

[уреди] Зачетоци на романтичарскиот животен идеал

Јохан Волфганг фон Гете.
Зголеми
Јохан Волфганг фон Гете.
Жан Жак Русо.
Зголеми
Жан Жак Русо.
Фридрих Шилер.
Зголеми
Фридрих Шилер.
Лорд Бајрон.
Зголеми
Лорд Бајрон.
Александар Пушкин од Орест Кипренски.
Зголеми
Александар Пушкин од Орест Кипренски.

Зачетоците на романтичарскиот животен идеал ги наоѓаме уште во делата на францускиот просветител Жан Жак Русо (1712-1778). Русо со своите дела ("Јулија" или "Нова Елоиза" и "Исповеди") го трасирал патот на романтичарскиот субјективизам и чувственост. Неговиот роман "Нова Елоиза" е пример за сентиментално-љубовниот роман, кој до полн интензитет ја воздигнал човековата емоција. Навестувањето на романтичарскиот субјективизам е видлив и во автобиографските "Исповеди".

На овие дела на Русо се инспирирала романтичарската генерација. Во обликувањето на романтичарскиот животен идеал, освен Русо, значајна улога одиграле и Франсоа-Рене де Шатобријан (1768-1848) и Бајрон. Шатобријан ги продлабочува русоовите концепции. Го воведува во лиетратурата мотивот на »светска болка« (или тага), истенчената емоција и префинетиот лиризам. Литературниот израз се обогатува со нови, рафинирани квалитети кои ја истакнуваат неговата забавна и визуелна компонента.

На романтичарите им одговарал шатобријановиот естетизам, субјективизам, лиризам и неговата литературна инспирација.

Во бајроновите дела, романтичарскиот животен идеал се претставува во својот дефинитивен облик. Бајроновите јунаци чувствуваат потполна неусогласеност меѓу себе, своите морални начела и општествената конвенција со која се соочени. Тоа чувство на раскол доведува до чувство на осаменост, промашеност и несфатеност. Бајроновите јунаци по својот начин на доживување се сродни со русоовите јунаци од спомнатиот роман "Нова Елоиза" и гетеовиот "Вертер", а само по некои свои одлики се разликуваат од претходникот. Неговите јунаци се индивидуалисти и имаат бурен внатрешен живот кој во себе носи црти на демонското. Моделите за своите јунаци Бајрон ги наоѓал во сопствениот живот. Неговиот живот се смета за живот на најизразитите романтичарски јунаци. Бајрон со помошта на своите ликови најсугестивно го формирал духот и идеалите на епохата. Но ликовите на бунтовници, осаменици, скитачи и незадоволници се претставиле и во делата на останатите создатели од оваа епоха.

Фридрих Шилер (1759-1805), во драмата "Разбојници" обликувал лик на побуненик на разбојник кој се бори против општествената неправда. Шилеровиот јунак го изразува расположението на побуденото граѓанство кое се буни против феудалниот апсолутизам.

Руската романтика обликувала неколку значајни ликови во лермонтовите поеми "Мцири и демонот" и во пушкиновите поеми "Цигани" и "Кавказкиот заробеник". Сите се тие бајронски личности прогонети од судбината, племенити во своите настојувања и копнеења, а трагични во својата единственост и несфатеност. Лермонтовиот лик Печорин од романот "Јунак на нашето време" и пушкиновиот "Евгениј Онегин" од истоимениот роман се ликови на »одвишните луѓе« кои се јавуваат во ерата на суровиот николаевски режим.

[уреди] Литературна тематика на романтизмот

Литературната тематика на романтизмот може да се сврзе во неколку целини:

  • тематика на лични преокупации
  • национално-историска тематика
  • пејзажна тематика - далечните и непознати краеви
  • егзотика
  • окултна и мистична тематика.

[уреди] Тематика на личните преокупации

Изоштрениот субјективизам на романтизмот се отчитувал во сите литературни видови. Тој е подеднакво нагласен во лирската песна, драмата, патописот, романот и расказот. Лириката навлегува во прозните и драмските видови: романот често е компониран во облик на писма, дневници, мемоари. Таква форма одговарала на субјективистички ориентираниот период, а најавена е уште во русоовата "Нова Елоиза". По гетеовиот роман "Страдањата на младиот Вертер" сè повеќе се наметнува романот во облик на писма и интимни записи.

Дека романтизмот ја негувал тематиката на личните преокупации сведочи и неговото лирско творештво. Најдобрите остварувања на романтизмот треба да се бараат во лириката.

[уреди] Историско-национална тематика

Виктор Иго.
Зголеми
Виктор Иго.

Историско-националната тематика се јавува како израз на романтичарската осетливост за историјата и национална традиција. Романтичарите ги привлекува средниот век и готиката, ги привлекуваат најизворните облици на народното творештво и духот. Барањето на инспирацијата во далечните историски периоди може да се следи во делата на најзначајните автори.

Портрет на Сер Валтер Скот од Сер Едвин Лендсиер.
Зголеми
Портрет на Сер Валтер Скот од Сер Едвин Лендсиер.

Виктор Иго (1802-1885) во својот роман "Ѕвонарот на богородичната црква во Париз" го одведува читателот во средновековниот Париз и го соочува со средновековната готска архитектура.

Валтер Скот (1771-1832) во своите историски романи "Иван Хоу", "Кенилворт" и "Лемермурската придружничка" ги евоцира различните периоди на англиската историја од XII век па натаму.

Занимавањето на романтичарите со историја е резултат од општествените потреси. Тој интерес за поранешното, историското предупредува на судир на творецот со неговото време и тој бара решение во историјата.

Романтизмот ја барал својата инспирација во народното творештво. Враќањето на народното творештво може да се следи од Јохан Готфрид Хердер (1744-1803), па до Скот и Пушкин. Хердер во потрагата за изворната емоција запрел на народното творештво. Издал две книги со народни песни од разни континенти, насловени како "Volkslieder". Во таа збирка се наоѓа и српската народна балада "Хасанагиница", преведена од Гете, објавена уште претходно на италијански и во оригиналот во "Фортисовиот пат по Далмација".

Англискиот поет Џејмс Макферсон (1736-1796) објавува збирка на песни која набожемски ја напишал стариот поет Осијан (одломки од стари песни собрани во ридестата Шкотска и преведени од галски или ерсе јазик во 1760). Во веродостојноста на овие "Осијанови песни" се посомневале уште макферсоновите современици. На крајот преовладало мислењето дека Макферсон познавал некои одломки од галската поезија од усмени и писмени преданија и на нив ги засновал своите дела, но и дека во целина неговиот "Осијан" не е изворен превод на старите галски песни. Иако така не ја обновил поезијата на старите шкотски Келти, Макферсон го оживеал уметничкиот дух и околината во која таа настанала. Но, најважно од сè е дека "Осијановите песни", инаку проткаени со меланхолични чувства од опипливите описи на дивата северна природа, го започнале патот на европскиот романтизам и оставиле траги во литературното творештво на младиот Гете и Шатобријан, а предизвикале зачудување кај Хердер. Макферсоновата збирка носи во себе меланхолија и опис на северната природа. Точно тие два елемента ги прифатила романтиката. Осијан постанал поим за новиот начин на пеење. Духот на народната песна и нејзините изразни средства ги воведуваат во поезијата макферсоновите современици, особено Роберт Бернс (1759-1796). Бернс својот поетски израз го втемелил на мелодиката и лексиката на шкотската народна поезија.

Народната поезија го доживеала својот процут и во делата на руските романтичари. Пушкин, најцеловитата творечка личност на рускиот романтизам, се инспирирал од народниот дух, а јазикот на народната поезија и проза го подигнал на поголемо уметничко ниво.

[уреди] Пејзажна тематика

Пејзажот на далечните, непознати краеви ја привлекува необузданата романтичарска мечта. Смислата за обликување на пејзажите како средства за искажување на доживувањата ја покажал Жан Жак Русо. Публиката не ги засакала само неговите јунаци, туку и живописниот пејзаж во кој е проектирана нивната душевност. Шатобријан го естетиизра пејзажот и со тоа ја поентира медитацијата и проживувањето на своите ликови.

Во делата на романтичарите се предочени краевите на егзотичните и далечни предели (швајцарски пејзажи, пејзажот на Блискиот и Далечниот Исток, Кавказ, Америка, Шкотска). Описите на пејзажите се одликуваат со лирски акценти. Особено се нагласени визуелните црти (бои и движења). Колористичката подлога на реченицата сочинува значајна стилска карактеристика во обликувањето на пејзажната тематика.

[уреди] Најзначајни претставници на литературата на романтизмот

Лудвиг Тик.
Зголеми
Лудвиг Тик.

Особената, карактеристична тематика ја наоѓаме во делата на Едгар Алан По (1809-1849). Во своите раскази за гротескното и арабеските, во 1840 тој обликува морбидни и мистични теми. Таа мистично-морбидна тематичка линија ја развил германскиот романтизам во делата на Ернст Теодор Амадеус Хофман (1776-1822).

Амадеус Хофман го насочил својот новелистички свет кон привиденијата, вилите и волшебниците. Бајките на Лудвиг Тик (1773-1853) се подредени со законите на магичните и натприродните сили.

Романтичарската новелистика изградила свој посебен свет кој е надвор од секојдневните животни случувања. Крајните субјективистички доживувања и во новелистичкиот свет се значајни за текот на романтизмот.

[уреди] Естетска концепција на романтизмот

Романтизмот развил своја естетска концепција. Таа естетска концепција е спротивставена на естетиката од XVIII век. Поучно-просветителската функција на уметноста е заменета со емоционално-естетска функција. Творечкиот чин по сфаќањето на романтичарите е мотивиран најнапред од емоционалниот момент. Творецот се подредува на силата на имагинацијата, мечтите и јазикот. Во сфаќањето на уметничките средства, романтизмот прави револуција. Изразот станува послободен, а јазикот побогат и поеластичен. Романтизмот развил осетливост за музичката и визуелната компонента. Како и да е, романтичарите го трасираат патот на новото доживување и изразување кое јасно ќе се отцрта во новата поезија, почнувајќи од Шарл Бодлер преку симболистите до импресионистите.

Уште Лудвиг Тик ја изразил идејата за здружување на сфаќањата во поезијата:

И бојата ѕвони, формата звучи,
Тие по обликот и бојата звучат, ѕвонат.
Што разделила зависта на боговите,
Тука божицата на фантазијата сега дружи,
Својата боја да ја познае оваа музика,
А секој лист со сладок глас се служи,
Да, бојата, мирисот, песната се нови браќа.
Ги соединува братскиот вез,
Каде песништвото ги спојува сè од ред
Секој нека се гледа во својот друг.

Синестезијата е значи значајно откритие на романтизмот, а својата поетска фромулација ја доживува подоцна, во бодлеровата песна "Согласја". Романтизмот го обогатил лирскиот поетски израз. Метафората била продуктивна, а поетската слика се усовршила и обогатила. На подлогата на романтизмот израснале подоцнежните поетски струи. Како особена значајност на романтизмот треба да се нагласи меѓусебното преплетување на различни уметности: поезија, музика и сликарство.

Романтизмот особено ја нагласувал поетската инспирација. Поетот го прогласил за пророк и визионер. Уметноста ги претпоставила сите останати облици на живот, притоа истакнувајќи си го својот утописки карактер. Превласта на естетизмот сочинува една од важните карактеристики на романтизмот. Романтизмот изградил свој посебен стил. Без оглед на индивидуалните карактеристики на романтизмот во поедини земји, тој се јавува како единствена стилска формација. На романтичарскиот начин на доживување на светот најдобро му одговарале лирските форми. Лириката ќе се наметне во сите литературни родови.

Монолошките облици на искажување навлегуваат во романот, расказот и драмата. Раскажувањето во епските дела е пореметено со вклучувањето на пејзажите , медитацијата и фантастично-мистилните случувања. Епските творби го губат својот првобитен раскажувачки карактер и ја усвојуваат лирската техника. Синтезата на лирско-епското изразување најјасно се препознава во поемите. Поемата постанала доминантна литературна форма на романтизмот. Поемата ја негуваат и најпознатите романтичари (Бајрон, Пушкин, Лермонтов). Покрај поемата, процутува и уметничката бајка и историскиот роман.

Романтизмот, значи, создал своја одредена визија на светот, свој стил и своја литературна техника.

[уреди] Романтизмот во ликовната уметност

Талкач над морето од магла од Каспар Дејвид Фридрих.
Зголеми
Талкач над морето од магла од Каспар Дејвид Фридрих.

И во ликовната уметност (слично како и кај литературата), романтизмот се јавува како реакција на класицизмот кој на својата поетика и ја забранувал полната слобода на индивидуалното творештво. Романтичарите најпрво ја нагласуваат слободата и мечтите, а изворите на своите теми ги бараат првенствено во легендите и историските настани и, неретко, во народната поетика. Тоа вреди и за романтичарските сликари, кои посебно внимание придаваат на обликување на композицијата и патетичниот израз, нагласен колорит и воочливо контрастирање.

Меѓу најзначајните претставници на романтичарското сликарство е Ежен Делакроа (1799-1863), сликар на големи историски теми, како и библиски и митолошки мотиви. Тој е познат како илустраторот на делата на Данте, Шекспир и Гете.

Покрај Делакроа, значајни се уште и сликарите Камиј Коро (1796-1875), сликар на поетски пејзажи, како и Жан Франсоа Миле (1815-1875), кој во пејзажот воведува и ликови на селани, дрвосечачи, пастири, отварајќи ја на тој начин вратата на реалистичното сликарство.

На границата помеѓу романтичарскиот и реалистичниот стил во сликарството стои и една од најголемите сликарски, графичарски и вајарски личности од XIX век - Оноре Домије (1808-1879), кој посебно се истакнал со сатиричкиот пристап на граѓанското општество на своето време и со политичките карикатури.

[уреди] Романтизмот во музичката уметност

Петар Илич Чајковски.
Петар Илич Чајковски.

Во музичката уметност, романтичарските тенденции се слични како и во останатите уметности: тежнеење за потополна слобода во изразот и мислата. Темелна карактеристика на романтичарската музика инсистирањето на непосредност на музичкиот израз, разноликоста на музичката форма, нагласената мелодиозност и обоеноста на музичката фраза. Творците од тоа време најчесто ја наоѓаат инспирацијата за своите дела во творештвото на значајните книжевници (Ламартин, Иго, Бајрон, Гете, Шилер и други).

Најзначајни претставници на европскиот музички романтизам се германците Франц Шуберт (1797-1828), творец на соло песни, клавирски минијатури и симфонии, потоа Карл Марија Вебер (1786-1826), писателот на клавирски композиции и познатата опера "Виленикот стрелец" со тематика од народните легенди, Феликс Менделсон (1809-1847), автор на клавирски и оркестарски дела, а еден од најистакнатите е Роберт Шуман (1816-1856), автор на симфониски етиди, како и на певливи сентименталистички соло песни.

Пољакот Фредерик Шопен (1810-1849), кој голем дел од својот живот го минал во Париз, пишувал виртуозни композиции, пронаоѓајќи притоа нови форми на создавање.

Како автори на симфониски песни се истакнале Виктор Берлиоз (1803-1869) и Франц Лист (1811-1886), кој бил и пијанист, и творец, и диригент: надоврзувајќи се на Берлиоз, тој уште повеќе ја усовршува симфониската музика. Од словенските творци треба да се спомене Михаил Иванович Глинка (1804-1857), кој во своите творби ја поврзувал руската и европската музичка традиција, а ги напишал и познатите опери "Руслан и Људмила", како и "Иван Сусањин" и чехот Беджих Сметана (1825-1884), автор на познатиот циклус од симфониски песни "Мојата татковина" и операта "Продадена невеста" со големо користење на мелодиката на народната песна. Во музичкото творештво на Русија, Глинка го следат познати имиња: Александар Порфирович Бородин (1833-1881) со операта "Кнезот Игор" и симфониските песни со содржина од народните преданија, потоа Модест Петрович Мусоргски (1839-1881), познат во целиот свет по операта "Борис Годунов" и "Сорочинскиот саем". Следат Николај Римски Корсаков (1844-1908), писател на опери, од кои најпозната му е "Садко", со тематика од руската народна епска поезија, како и Петар Илич Чајковски (1840-1893), еден од најдобрите светски творци на симфониска музика и автор на познатата опера "Пиковата дама", напишана спрема Пушкин.

Ако се додадат кон тоа величествениот оперски опус на Џузепе Верди (1813-1901) - "Риголето", "Трубадурот", "Травијата", "Аида" и ништо помалку значајното оперско дело на Рихард Вагнер (1813-1883) со оперите "Клетиот Холандез", "Танхарун", "Тристан и Изолда" и други, може да се рече дека целокупната музичка уметност во романтизмот дошла до таков замав да ни пред ни после оваа епоха немало толку значајни творци и уметнички остварувања во музичките жанрови.

[уреди] Романтизмот во театарската уметност

Театарскиот живот за времето на романтизмот во европски граници е најважен во Германија, Австрија и Франција. Во Германија, отпорот против класицизмот се чувствува уште во движењето на младите Sturm und drang - Бура и натисок. Тие млади бараат ослободување од традиционалната драматургија (посебно античката), како и непризнавање на било какви школи и поетика.

Покрај веќе спомнатиот Фридрих Шилер, претходникот на романтизмот чиешто дело влегло и во неговите граници, најцеловитиот романтичарски германски драмски писател е Фридрих Хебел (1813-1863), автор на граѓански трагедии, историски и митолошки теми ("Нибелунзите" од 1862). Од австриските автори, кога во познатиот виенски Бург-театар се појавува жанрот на пучката драма, покрај Франц Грилпарзер (1791-1872), најзначајно е името на Јохан Нестрој (1801-1862).

Романтизмот во француската драматургија е најавен со познатиот предговор на драмата "Кромвел" од 1827 на Виктор Иго, во кој тој се залага за романтичарски тип на театар: најпозната во таа смисла е лирската драма "Хернани" од 1830.

Александр Дима (1803-1870) е творец на популарна драма, како и трагедии со историски теми, а Алфред де Мисе е под силно влијание на шекспировата драматургија. Во жанровска смисла, во тоа време преовладуваат историската драма, комедија и мелодрама, а заедничко име на таа драматургија е либерално-граѓанска негација на класицистичките конвенции.


Одлична статија Статијата Романтизам е пример меѓу одбраните статии.
Ве повикуваме и Вас да напишете и предложите одбрана статија.

Our "Network":

Project Gutenberg
https://gutenberg.classicistranieri.com

Encyclopaedia Britannica 1911
https://encyclopaediabritannica.classicistranieri.com

Librivox Audiobooks
https://librivox.classicistranieri.com

Linux Distributions
https://old.classicistranieri.com

Magnatune (MP3 Music)
https://magnatune.classicistranieri.com

Static Wikipedia (June 2008)
https://wikipedia.classicistranieri.com

Static Wikipedia (March 2008)
https://wikipedia2007.classicistranieri.com/mar2008/

Static Wikipedia (2007)
https://wikipedia2007.classicistranieri.com

Static Wikipedia (2006)
https://wikipedia2006.classicistranieri.com

Liber Liber
https://liberliber.classicistranieri.com

ZIM Files for Kiwix
https://zim.classicistranieri.com


Other Websites:

Bach - Goldberg Variations
https://www.goldbergvariations.org

Lazarillo de Tormes
https://www.lazarillodetormes.org

Madame Bovary
https://www.madamebovary.org

Il Fu Mattia Pascal
https://www.mattiapascal.it

The Voice in the Desert
https://www.thevoiceinthedesert.org

Confessione d'un amore fascista
https://www.amorefascista.it

Malinverno
https://www.malinverno.org

Debito formativo
https://www.debitoformativo.it

Adina Spire
https://www.adinaspire.com