Македонска авангардна музика
Од Википедија, слободна енциклопедија
Македонската авангардна музика е македонската музика во периодот од раните седумдесетти до доцните осумдесетти и раните деведесетти.
Содржина |
[уреди] Леб и сол
- Главна статија: Леб и сол
Првите чекори во оформувањето на македонската модерна музика ги направиле членовите на групата Леб и сол во средината на седумдесеттите години. Групата била оформена на 1 јануари 1976 и веќе со првиот албум ги поставила корените на македонскиот современ музички израз, користејќи џез-рок со македонски етно елементи.
Леб и сол донеле нешто ново, нешто дотогаш неслушнато на овие простори. Благодарејќи на тоа, групата доживеала голема популарност, што им овозможило да творат и понатаму, како и да настапуваат надвор од границите од тогашна Југославија, а со тоа и да ја презентираат македонската музика во светот.
Основачките членови на групата биле: Влатко Стефановски (гитара), Бодан Арсовски (бас), Гарабет Тавитијан (тапани) и Никола Димушевски (клавијатури), додека пак во нивната долгогодишна кариера за кратко време членувале и клавијатуристите Кирил Џајковски и Валентино Скендеровски, како и тапанарот Драгољуб Ѓуричиќ.
Во периодот од 1977 до 1996, Леб и Сол објавиле дури 12 албуми, меѓу кои и „Ручни рад“, „Тангента“, „Следовање“, „Бесконачно“, „Као какао“ и други. Меѓу своите многу бројни настапи во живо, тие изведувале на сцена во Кипар, Русија, Италија, Шпанија, Австрија, Република Ирска, Шведска, Данска и многу други места низ светот. По сеуште неофицијалниот распад на групата, Стефановски го оформил Влатко Стефановски Трио, Арсовски својот Езгија оркестар, Тавитјан - групата Парамециум, Никола Димушевски се фокусирал на своите соло проекти.
[уреди] Мизар
- Главна статија: Мизар
Во 1981 се појавила уште една група, која исто така претставувала еден од најзначајните состави во Македонија, групата Мизар. До 1985, водач на групата бил Ристо Вртев, кој воедно бил и сеуште е еден од гуруата на македонската рок сцена. Мизар, со доаѓањето на пејачот Горан Таневски, го промениле и својот музички стил. Харизматичниот имиџ на Таневски, неговиот длабок мистичен вокал, како и одличните авторски идеи на гитаристот Горазд Чаповски придонеле групата за брзо време да постане еден од стожерите на македонската модерна музика. Издале два албуми насловени „Мизар“ (1988) и „Свјат Dreams“ (1991), и со тоа оставиле многу значаен документ за своето музичко постоење на овие простори.
По распаѓањето на групата Горазд заминал во Австралија, каде што ја оформил групата Кисмет, група кој претставувала логичко продолжение на веќе култните Мизар. Досега Кисмет имаат издадено три албуми, од кои последниот е преку познатата американска дискографска куќа „Tone Casualties“.
[уреди] Апореа/Анастасија
- Главна статија: Анастасија
Во периодот од 1987 до 1990, работела групата Апореа во која членувале Горан Трајкоски и Зоран Спасов. Апореа не била само музичка група, туку еден глобален проект, проект во кој како идеен творец се јавил и Отец Методиј Златанов. На почетокот на 1990 Апореа го променила своето име во Анастасија, што на грчки значи воскресение. Истата година го објавиле и мини-албумот „На рјеках Вавилонских“. Својот најголем успех групата го доживеала со снимањето на музика за филмот „Пред дождот“. Албумот го издале и преку познатата француска дискографска куќа „Polygram“, и благодарение на успехот на филмот Анастасија настапиле насекаде низ Европа и се стекнале со голема слава. Во 1997, грчката дискографска куќа „Libra Music“ ги издала раните снимки на Анастасија, додека на почетокот на 1998, издавајќи го албумот „Nocturnal“, го промениле својот музички израз користејќи модерна електронска музика.
[уреди] Други групи
Кон крајот на седумдесеттите и почетокот на осумдесеттите, во Македонија се оформиле неколку групи кои свиреле под влијание на тогашната панк/њу вејв струја од запад, како што се Сарацени, Филтер, Бадмингтонс, Ефективен набој и други.
Периодот 1983 — 1985 година е многу значаен поради појавувањето на можеби најкултниот состав кој се појавил на овие простори, групата Падот на Византија. Водачот на групата - Горан Трајкоски, ги поставувил темелите на македонската дарк сцена, која преовладувала со етно елементи, како и елементи од византиското музичко минато. За жал, групата нема ниту едно дискографско издание.
Во осумдесеттите години во Македонија се појавуваат повеќе значајни групи како што се: Бастион, група на Кирил Џајковски, своевремено клавијатурист на Леб и сол, потоа Тело-Наука Совршена, групата која го издала првото македонско независно дискографско издание (албумот Кадис), Lola V. Stain, која е позната по двата антологиски проекти „Икона“ и „Мансарда“, Клеопатра, Клержо, Александар Македонски, Decadence и други. Во 1989, многу значајно е појавувањето на групата Архангел, група оформена од поранешниот лидер на Мизар, Ристо Вртев. Архангел досега објавиле четири албуми, насловени „Архангел 1“, „Архангел 2“, „Heartcore“ и Небесна машина.