Фридрих Енгелс
Од Википедија, слободна енциклопедија
Фридрих Енгелс (28 ноември 1820 - 5 август 1895) е германски политички филозоф и крупна фигура во европското социјалистичко движење во втората половина на 19 век. Беше близок соработник на Карл Маркс, со кого соработуваше долги години. Заедно со Маркс го напиша Комунистичкиот манифест, а по смртта на Маркс ги редактира и издаде вториот и третиот том на Марксовиот „Капитал“.
[уреди] Живот
Фридрих Енгелс е роден во Бармен, Германија, во трговско и изразито религиозно семејство. Во 1841 година заминува на отслужување на воениот рок во Берлин, каде што се запознава со младохегелијанците и станува нивни приврзаник. Во 1842 година неговиот татко го испраќа во Манчестер да ги води работите во неговата фабрика. Ужаснат од работните и животните услови на работниците, почнува да пишува книга за нивната лоша положба, која ја објавува во 1845 година како „Положбата на работничката класа во Англија.“ Со Маркс се запознава во септември 1844 и оттогаш тие ќе развијат плодна и блиска соработка која ќе трае во текот на целиот нивни живот. Во 1847 година Маркс и Енгелс се приклучуваат кон Сојузот на комунистите и се овластени да го напишат неговиот манифест, денес познат како „Комунистички манифест“. Следната година Енгелс зема активно учество во Револуцијата од 1848, борејќи се на страна на бунтовниците во Елберфелд, јужна Германија. По неуспешниот крај на Револуцијата и тој и Маркс се принудени да побегнат во Англија. Со цел финансиски да му помогне на Маркс и на неговото семејство, Енгелс се враќа во фабриката на својот татко во Манчестер. По смртта на Маркс во 1883 година работи врз Марксовата оставштина и ги редактира и издава вториот и третиот том на Марксовиот „Капитал“. Умира во Лондон во 1895 година.
[уреди] Творештво
Негови позначајни дела се:
- „Селанската војна во Германија“ (1850),
- „Револуцијата и контрареволуцијата во Германија“ (1852),
- „Анти-Диринг“ (1877),
- „Потеклото на семејството, приватната сопственост и државата“ (1884),
- „Лудвиг Фоербах и крајот на германската класична филозофија“ (1886) и други.