Европски Совет
Од Википедија, слободна енциклопедија
Советот е институција на ЕУ во којашто се претставени владите на земјите-членки. Заедно со Европскиот парламент, тој е законодавецот на Заедницата кој е исто така одговорен за буџетските прашања. Советот е водечка институција кога се донесуваат одлуки од областа на Заедничката надворешна и безбедносна политика, како и за полицијата и за судската соработка на полето на криминалот. Советот се состои од по еден претставник на министерско ниво од секоја земја-членка (на пример, министрите за земјоделство, кога Советот донесува одлуки во врска со Заедничката земјоделска политика). Претседател на Советот е министерот на земјата - членка којашто во моментот претседателствува со Европската унија. Секоја земја-членка претседателствува шест месеци, во согласност со договорената ротација (Шведска и Белгија во 2001 година, Шпанија и Данска во 2002 година).
[уреди] Донесување одлуки пред договорот од Ница
Договорите одредуваат дали одлуките што ги донесува Советот треба да бидат едногласно прифатени од сите земји-членки или да се донесат со двотретинско мнозинство или, пак, со просто мнозинство во процедуралните прашања. За неколку развојни области на Унијата е потребна едногласна одлука, односно согласност (или воздржаност) од сите земји-членки. Такви области се: Заедничката надворешна и безбедносна политика, полицијата и судската соработка на полето на криминалот, азилот и имиграционата политика, за економската и за кохезионата политиката, како и за даноците. Со други зборови, секоја земја-членка има право на вето за европските мерки што се преземаат во овие сектори. Што се однесува на гласањето со двотретинско мнозинство, кое стана правило при донесувањето одлуки за најважните политики на ЕУ (како што е завршувањето на внатрешниот пазар), секоја земја-членка има одреден број гласови кој го одразува фактот дека земјите-членки се еднакви како членови на Унијата, но различни во смисла на населението. Според тековниот систем, има вкупно 87 гласа (четирите најнаселени земји имаат по 10 гласа, додека најмалку населените земји имаат по два). Двотретинско мнозинство се добива кога има најмалку 62 гласа за одредена одлука (т.е. 71,26 % од вкупниот број).
[уреди] По ратификацијата на договорот од Ница
Ратификацијата на Договорот од Ница ќе овозможи гласање со двотретинско мнозинство за одлуки од 30 членови од Договорот, за коишто претходно беше потребно едногласност. Во случајот на политиките на Заедницата, новиот Договор од Ница овозможува донесување одлуки со двотретинско мнозинство за сите или за дел од областите опфатени со дополнителни 10 одредби. На пример, таков е случајот со одлуките што се донесуваат на полето на судската соработка за граѓанските прашања. Трговските договори поврзани со услугите или со интелектуалната сопственост можат, исто така, теоретски да бидат склучени од страна на Советот кој би дејствувал со двотретинско мнозинство. Новиот Договор утврдува и измени во начинот на распределувањето на гласовите од 1 јануари 2005 година. Бројот на гласовите распределени за земјите-членки е изменет, а утврден е и бројот на гласовите што треба да биде распределен за земјите-кандидати кога тие ќе влезат во Европската унија Во иднина, двотретинското мнозинство ќе се практикува:
- ако одлуката добие специјален број гласови (овој праг ќе биде ревидиран во рамките
на сукцесивните пристапувања);
- ако одлуката е одобрена од мозинството земји-членки.
- Исто така, една земја-членка може да бара потврда за тоа дека двотретинското мнозинство претставува најмалку 62 % од вкупниот број население на Унијата. Ако се утврди дека тоа не е случај, тогаш одлуката нема да биде донесена.