Рејчел Карсон
Од Википедија, слободна енциклопедија
Ракел Луиз Карсон (27 мај 1907 – 14 април 1964) беше познат зоолог и биолог, чија книга, „Тивка пролет“, се смета за многу важна за будењето на еколошкото движење. Книгата „Тивка пролет“ несолмнително имала големо влијание врз јавното мислење во САД и покренала процес на менување на политиката и регулативата за уптореба на пестициди.
[уреди] „Тивката пролет“ и будењето на еколошката свест
Уште од средината на 40-тите, кога сé уште беше релативно непозната, Карсон стана загрижена за употребата на неодамна откриените пестициди, особено Ди-ди-ти. „Колку повеќе дознавав за употребата на пестицидите толку станував пошокирана“ – ќе напише Карсон подоцна, објаснувајќи ја својата одлука да започне со истражувањата кои ќе доведат до нејзиното најпознато дело, „Тивката пролет“. „Она што го открив е дека сето она што најмногу ми значеше како натуралист беше загрозено и дека ништо што би можела да направам не би било поважно.“
Во книгата Карсон ја истражува темата на еколошката меѓу-поврзаност: иако некој пестицид е насочен против елиминирање на еден организам, неговите ефекти се чувствуваат во целиот синџир на исхрана и она што намеруваше да отруе еден инсект завршува со труење на поголемите животни и на човекот.
Четири-годишната работа над „Тивката пролет“ започна со едно писмо од еден чувар на птичји резерват во Масачусетс кој беше уништен преку воздушно прскање со Ди-ди-ти. Тој преку писмото ја замолуваше Карсон да го употреби своето влијание врз државните власти за да се отпочне со истрага во врска со употребата на пестициди. Карсон одлучи дека би било поефикасно да го покрене прашањето преку некој популарен магазин. Сепак, издавачите беа незаинтересирани па од проектот подоцна испадна книга.
„Тивката пролет“, објавена во 1962, предизвика многу реакции и прашањето за употребата на пестицидите стана многу-дискутирана тема. Магнатите од хемиската индустрија ја пречекаа на нож, но нејзините ставови сé повеќе беа прифаќани во јавноста. Дојдоа и научните признанија. Во 1963 Карсон беше избрана во Американската академија на науките и уметностите и доби многу други признанија и награди, вклучувајќи го Одубон медалот и Кулен медалот на Американското географско друштво.
Веќе беше покрената и истрага во Конгресот на САД во врска со употребата на пестицидите. Карсон, која веќе беше сериозно болна од рак на дојката, сведочеше пред истражниот комитет на Сенатот. Подоцна, истрагата ќе доведе до забрана на Ди-ди-ти, но Карсон не го дочека тоа. Умре на 14 април 1964. Во 1980 постхумно го доби Претседателскиот медал на слободата, највисоко граѓанско признание во САД.
[уреди] Надворешни врски
- RachelCarson.org The life and legacy of Rachel Carson
- Time magazine's "100 most important people" article on Carson
- Silent Spring Institute Research on the environment and women's health, especially breast cancer
- The Mosquito Killer, Малком Гладвел.
- New York Times obituary
- Silent Spring at 40: Rachel Carson's classic is not aging well, in Reason Online, 12.06.2002.