Орден на Република Македонија
Од Википедија, слободна енциклопедија
Орденот на Република Македонија e составен од орденски знак на гердан и од орденска ѕвезда. Орденската ѕвезда има основна кружно-ѕвездеста форма со димензија од 91мм. Медаљонот на орденската ѕвезда е идентичен со орденскиот знак. Тој е во кружна форма со димензија од 57мм. Орденскиот знак со соодветна јазолна карика висока 3,5 сантиметри е врзан за герданот на орденот. Двете форми на герданските алки, наредени со наизменична меѓусебна врска долга 80 сантиметри го сочинуваат герданот на орденскиот знак. Димензиите на алките се лимитирани од дадената должина на герданот.
Штитот од ѕвездата е престава на споени брановидно-тутунови зраци кои на својот врв имаат топчест завршеток во кој се вметнати рубини. Во централното поле е вметнат соодветен рубин. Централниот медаљон околу рубинот има стилизација на флорални елементи, а стилизирани палмети го заокружуваат централниот дел на медаљонот. Маргиналниот венец на медаљонот е составен од нишка од брилијанти.
Медаљонот на орденскиот знак е идентичен со централниот медаљон на орденската ѕвезда.
Кариката меѓу герданот и орденскиот знак е стилизација на гордиев (хераклев) јазол и детал од маргините на Болоњскиот псалтир.
Орденот на Република Македонија е изработен од 18 каратно злато, има родиумски третирани елементи, соодветно тониран топол емајл и скапоцени камења, во современа јувелирско - ковна техника.
Орденот има соодветна минијатурна лента со димензија (1,5мм со 3,5мм) во црвена боја со две паралелни жолти нишки. Редниот број на орденот, жигот за чистотата на металот од кој е изработен и жигот на производителот се втиснати на задниот дел на орденскиот знак и на орденската ѕвезда.
Секој орден и медал има соодветна кутија, во одредена боја, која димензионално одговара на димензиите на одличјата. На поклопецот на кутијата со златовтиснување е името на одличјето.
Лентите за ордените се изработени од маорирана свила во пропишаната боја и димензија.
Орден на Република Македонија - се доделува на:
- најистакнати личности и правни лица кои имаат посебни заслуги во остварувањето на самостојноста, сувереноста, независноста и териториалниот интегритет на Република Македонија, како и за вонредни резултати остварени на цивилен и воен план;
- најистакнати личности кои исклучително придонеле за развивање и зацврстување на мирољубивата соработка и пријателските односи меѓу Република Македонија и други држави, како и за јакнење на нејзината меѓународна положба и углед;
- владини и невладини организации, здруженија, како и поединци, кои со своето работење и дејствување постигнуваат исклучителни резултати од значење за афирмирање на Република Македонија во областа на науката, уметноста, образованието, стопанството, хуманоста и слично, на домашен и на меѓународен план, а особено поединци кои во областа на своето работење, односно професионално ангажирање добиле највисоки награди, односно најпрестижни признанија од меѓународно значење и
- шефови на држави и на влади, како и на други истакнати странски личности за вонредни заслуги во развивањето и зацврстувањето на пријателските односи и соработката на Република Македонија со други држави.
Одликувања и признанија на Република Македонија |
Орден на Република Македонија - Орден 8ми септември - Орден Илинден - 1903 година - Орден за заслуги за Македонија - Орден за воени заслуги - Медал за заслуги за Македонија - Медал за храброст - Повелба на Република Македонија |