Живко Чинго
Од Википедија, слободна енциклопедија
Живко Чинго е роден на 13 август 1936 г. во с. Велгошти, Охридско, умрел на 11 август 1987 г. во Охрид. Завршил Филозофски факултет во Скопје, извесно време работел како професор по литература во гимназија во Охрид, а потоа во Скопје работел во "Студентски збор", "Млад борец", Радио-телевизија Скопје, во Центарот за политички студии во Скопје и во Републичкиот комитет за култура. Бил директор на Македонскиот народен театар. Член на Друштвото на писателите на Македонија (ДПМ) од 1963 година.
Во македонската литература Чинго влегува кон крајот на педесетите години на XX век. Уште во своите први раскази објавени во периодиката тој го свртува кон себеси вниманието на книжевната јавност.
Првата збирка раскази Пасквелија, издадена во 1961 година, била дочекана како литературно откровение. Таа навестува голем мајстор на расказот, еден од водечките имиња на оваа раскажувачка форма. Неколку години подоцна, 1965 година, овој автор ја објавува и втората книга раскази Нова Пасквелија, која го повторува големиот успех на првата книга. Во 1966 година Чинго го објавува романот за деца Сребрени снегови, а во 1971 година и својот втор роман Големата вода (по која е снимен и истоимениот филм). Книгата раскази Вљубен дух, овој автор ја објави во 1976 година, на српскохрватски јазик.
Сите овие пет прозни дела, го сочинуваат јадрото на неговото творештво и го потврдуваат Чинго како автор со својствен раскажувачки свет, исклучителен по својата оригиналност, едноставност, со својата поетичност и непосредност, со својата раскажувачка драматика. Неговото творештво е високо вреднувано од македонската и југословенската критика, а неговите дела се преведувани на: српскохрватски, словенечки, албански, руски, полски, француски, унгарски и германски.
[уреди] Дела
- Пасквелија (раскази, 1961)
- Семејството Огулиновци (раскази, 1965)
- Нова Пасквелија (раскази, 1965)
- Сребрени снегови (роман за деца, 1966)
- Пожар (раскази, 1970)
- Големата вода (роман, 1971)
- Жед (сценарио, 1971)
- Поле (сценарио, 1971)
- Образов (драма, 1973)
- Ѕидот, водата (драма, 1976)
- Вљубениот дух (раскази, 1976)
- Кенгурски скок (драма, 1979)
- Макавејските празници (драма, 1982)
- Накусо (раскази, 1984)
- Пчеларник (сценарио, 1988)
- Гроб за душата (раскази, 1989)
- Бабаџан (роман, 1989)
- Бунило (раскази, 1989)
[уреди] Награди
- Рациново признание
- "11 Октомври"
- "1 Мај"
- Стерино позорје