Грчка литература
Од Википедија, слободна енциклопедија
Историја на литературата |
---|
Арапска литература Грчка литература Египетска литература Индиска литература Јапонска литература Кинеска литература Персиска литература Римска литература Тамилска литература |
Грчката литература е една од најстарите литератури во светот. Таа се дели на два периоди: хеленска литература и нова грчка литература.
[уреди] Хеленска литература
Хеленската литература е најубавото, најсовршеното и најоригиналното што античката литература го дала на човештвото од грчкото тло. Во времето од X до VII век п.н.е. се создадени епопеите Илијада и Одисеја, кои се припишуваат на Хомер и двете хесидови песни Теогонија и Работи и денови.
Во VI век доаѓа лирското песнарство со религиозен, политички или елегиски карактер. Главни претставници од овој период се Терпандар, Архилох, Тиртеј, Солон, Симонид, Алкеј, Сапфо, Езоп, Анакреонт, Алкман, Стезихор, Бакхилид, Арион, Пиндар. Во времето на Перикле, книжевноста во секој свој вид го достигнува својот најчист облик - трагедија (Есхил, Софокле, Еврипид); комедија (Аристофан); историја (Херодот, Тукидид и Ксенофонт); философија (Платон и Аристотел); беседништво (Изократ, Демостен, Есхин, Лисија, Хиперид и Ликург).
По IV век п.н.е. настанува александриското и грчко-латинското време. Сочувана е убавината на стилот и чистината на обликот, но изгубена е оригиналноста и силата. Поети од ова време се Аполон од Род, Квинт од Смирна (пишувале епопеи) и Теокрит (идили). Философијата е во полн ек и се јавуваат стоицизмот на Зенон, епикуреизмот на Епикур, скептицизмот на Пирон и неоплатонизмот на Плотин, Порфириј и Ијамблих. Исто така се негува и историјата (од Полибиј, Дионисиј од Халикарнас, Диодор од Сицилија, Страбон, Плутарх и Паусаниј). Од сатиричарите се истакнал Лукијан, а имало и многу критичари и граматичари, како Зенодот, Зоил и други.
Во II век п.н.е. појавата на христијанството влијае на создавањето на новите книжевни облици: апологија и религиозна полемика (Јустин и Иринеј) и беседништво (Свети Гргур Назијанец, Свети Јован Златоуст). По овие писатели, грчката книжевност се втопува во византиската, во која ги задржала своите класични облици и антички традиции, но добила истакнато христијанско обележје.
[уреди] Нова грчка литература
Се развива во почетокот на грчкото ослободително востание од 1821. Тука може да се вброи познатиот поет и народен револуционер Рига од Фере (1751-1798), кој бил убиен во белградската тврдина. Почетоците на новата грчка книжевност се поврзани со родољубивите песни клефта, пеени од грчките борци.
Јонската школа, која ја основал големиот народен поет Дионизос Соломос, дала во првата половина на XIX век многу успешни лирски дела на народен јазик. Бидејќи јонските острови биле под британски протекторат, влијанието на оваа школа тешко продирало во Атина, каде фанариотите (учени Грци од Цариград) го имале главниот збор. Освен Дионизос Соломос, поети од јонската школа биле и Андрија Калвос (1792-1867), Антоние Матисис (1794-1874), Андрија Лескаратос (1811-1901) и други.
Атинската школа се одликува со чистотата на јазикот, а нејзини познати книжевници се Теодор Орфандис (1817-1886), Димитриј Вернардакис (1834-1907), Асхил Парасхос (1838-1895) и Спиридон Василијадес (1847-1874). Како духовен водач од 1888 година се јавува Јанис Психарис (1855-1920), кој отвора нова епоха на зацврстена употреба на народниот јазик.
Како и сите други нови литератури, и грчката почнува со лирска поезија. Значајни имиња се Дионизос Соломос, Андреас Калвос, познатиот Костис Паламас, Никос Казанцакис, Констандинос Кавафис, Ангелос Сикелионас, Стасинопулос и многу други. Нивните дела се јасен показател на општествените случувања во Грција, како и на потрагата по нов израз во јазикот. Се започнало со приповеди, а со времето се прешло на роман, кој и денес се негува (патописи и романсирана биографија).
За основачи на прозата се сметаат Георгиос Визиинос, Александрос Пападиамандис Александрос Каркавицас и Ксенопулос.
На полето на литературната критика, есеистиката и историјата на литературата има повеќе познати писатели чии дела се од трајна вредност. Во XIX век критика пишуваат Јаковес Полилас, Емануел Роидис и Ангелос Влахос, а борбена критика и естетски студии Паламис, Ксенопулос и други. Историјата на новата грчка книжевност ја обработувале Аристос Камбанис, Иријас Вутеридис, Трилос и други.