Сократ
Од Википедија, слободна енциклопедија
Сократ (4 јуни, 470 п.н.е. - 399 п.н.е), (грчки: Σωκράτης, Сократес) е старогрчки (атински) философ и една од најзначајните икони на Западната философска традиција.
Сократ е родум од Атина. Го напуштил занаетот на татка си (каменорежач) и сиот свој живот го посветил на философијата. Тој одел меѓу луѓето, разговарал со нив, ги терал на размислување, едностојно им поставувал прашања, а на одговорите други прашања. За него основен проблем е човекот, пред сѐ; неговото однесување во етичката сфера и во политичката. Тој решително им се спротиставувал на софистите, а пред сѐ; на нивниот реализам и субјективизам, сметајќи дека човекот можел да пронајде знаења кои важат општо и нужно. Сократовата основна поставка била „Јас знам дека ништо не знам!“ Со својот метод, наречен сократовски, тој поставувал прашања на кој собеседникот одговарал, но така вешто му го поставувал прашањето што го принудувал самиот него, за она што на почетокот тврдел дека го знае да признае дека не знае, зашто инаку би се судрил со логичките закони. Тоа е оној дел од методичката процедура која се викала иронија. Вториот дел од постапката се состои во тоа што собеседникот со прашањата постепено, одејќи од блиското кон подалечното да дојде до дефиниција на поимот за кој се спори и со тоа да се постигне вистинско знаење. Овој создавачки дел од вештината се темели на изреката: „Познај се самиот себеси“. При тоа Сократ играл улога на „акушер “ кој помагал да се раѓаат здрави духовни деца. Сократ ги воодушевувал младите, но кај влијателните, авторитетите и власта предизвикувал незадоволство од подбивот на кој ги излагал.
Исто така, Сократ сметал дека знаењето е добро а незнаењето е зло. Тој бил противник на демократијата и остар критичар на нејзините недостатоци. Тој сметал дека само најспособните треба да бидат на власт. Тој велел дека човекот е родно место на вистината, дека треба да ја бара во себеси. Човекот треба да вложи напор, да ризикува и да се жртвува за да дојде до вистината. Тоа е она епохалното што Сократ го придонел во филозофијата. Од Сократ потекнуваат повеќе школи наречени сократовски: мегарската, киничката, киренската.