Договорот од Рим
Од Википедија, слободна енциклопедија
На 25 март 1957 г., во Рим беа потпишани два договора што овозможија оформување на ЕЕЗ и на AУРАТОМ. Наречени беа Договорите од Рим. Потписници на оваа историска спогодба беа Кристијан Пино од Франција, Јозеф Лунс од Холандија, Пол Хенри Спак од Белгија, Јозеф Бек од Луксембург, Антонио Сењи од Италија и Конрад Аденауер од Федерална Република Германија. Договорот беше ратификуван од националните парламенти во текот на наредните неколку месеци, а стапи во сила на 1 јануари 1958 г. Договорот со кој се оформува ЕЕЗ, во својата преамбула потврди дека земјите потписнички, се решени да ги постават основите на уште позближена унија меѓу народите на Европа. На овој начин, земјите-членки јасно ја потвдија политичката цел за прогресивна политичка интеграција. Всушност, со овој договор беше создадена царинска унија, па затоа, ЕЕЗ претставуваше заеднички пазар. Притоа, беше договорен дванаесетгодишен транзиционен период за целосно царинско разграничување меѓу земјите-членки. Во поглед на економскиот успех со воведувањето на слободната трговска размена, транзициониот период беше скратен, и во јули 1968 г., сите царини меѓу земјите на ЕЕЗ беа суспендирани. Истовремено, заеднички царини беа воведени за сите продукти што доаѓаа од трети земји.
Заедничкиот пазар значеше исклучиво слободна циркулација на добра. Слободното движење на лица, капитал и услуги и натаму се соочуваше со важни ограничувања. Потребно беше да се чека до донесувањето на Единствениот европски акт во 1987 г., па да се даде дефинитивен импулс за воведување на вистински обединет пазар. Овој импулс го донесе и Договорот за европската унија во 1992 г. Друга значајна спогодба што беше вклучена во Договорите од Рим беше прифаќањето на заедничка земјоделска политика (ЗЗП). Со тоа, ЗЗП овозможи слободен пазар на земјоделски продукти внатре во ЕЕЗ и воведе одбранбена политика којашто им гарантираше на европските земјоделци доволно приходи спречувајќи го натпреварувањето со производите од третите земји. Договорите од Рим претставуваа победа на еден многу реалистичен и постепен пристап кон изградбата на ЕУ. Овој метод беше претставен од Жан Моне. Поради огромните пречки коишто и се закануваа на целосната и непосредна конструкција на политичката унија и пречките што го покажаа неуспехот на Европската одбранбена заедница, новата стратегија бараше интегративен процес којшто постепено ќе вклучува различни економски сектори и ќе оформи супранационални институции со растечки политички компетенции. ЕЕЗ беше родена врз база на неколку институции: Европската комисија (ЕК), Европското собрание (подоцна наречено Европски парламент - ЕП), Судот на правдата и Економскиот и социјален комитет, чиишто компетенции беа зголемени и изменети преку различки спогодби и договори што беа донесени со Римските договори. Сумирано, почна процесот во кој прогресивната економска интеграција го поплочи патот кон крајната цел, политичка унија, гледана како долгорочен дострел.
Договорот што ја институционализира ЕУРАТОМ се обиде да создаде услови за развој на силна нуклеарна индустрија.