Германска литература
Од Википедија, слободна енциклопедија
Германската литература ги сочинува оние литературни текстови напишани на германски јазик.
Тешко е да се периодизира оваа литература, но тука ќе бидат наведени периодите кои најчесто се користат за опишување на развитокот на германската литература.
[уреди] Германски период (до 750)
Најстар сочуван прозен споменик е готскиот превод на Библијата, дело на бискупот Улфиле, од средината на IV век. Најстариот литературен споменик е фрагментот Песна за Хилдебранд (од VIII век).
[уреди] Стар високогермански период (750-1050)
Стариот високогермански период од развитокот на германската литература ги опфаќа главно делата со христијанско-црквена содржина; во X и XI век настанале Весобрунската молитва, Муспили и Хелијанд (околу 830) и други. Во X и XI век се среќаваат мотиви од животот на јунаците и животинскиот свет: Валтари, Руод (најстариот роман) и Ecbasis captivi (мотиви за лисицата).
[уреди] Среден високогермански период (1050-1350)
Во почетокот на овој период преовладува црковно-христијанска поезија, но и духовните лица негуваат светски мотиви; под влијание на Крстоносните војни и контактите со другите народи, поезијата ја превземаат ритерите и се развива т.н. ритерска поезија, чиј врв е околу 1190-1220 година. Големите народни јуначки епови Сага за Нибелунзите и Гудрун се ритерски епови. Мотивите во ритерските епови се антички (за Тројанската војна, Александар Македонски, Енеј и други), или за кралот Артур и витезите од тркалезната маса (Ивен, Ерек, Персифал итн.). Епски поети се Волфрам фон Ешенбах, Готфрид фон Штрасбург и други. Љубовната лирика (Minnesang) е во процут, додека најважно прозно дело е правната книга Саксонско огледало (од XIII век).
[уреди] Ран нововисокогермански период (1350-1600)
Овој период се одликува со појавата на граѓанската поезија на местото на ритерската, во согласност со општествените промени. Оваа поезија е во духот на народната, но е занаетска и сувопарна. Застапени се сатирата, лакрдијата и мајсторската песна (Meisterhesang). Главен и најплоден претставник е Ханс Сакс, кондураџија од Нирнберг. Од духовните игри (Passionsspiele) се развива драмата. Мартин Лутер ја помогнал и убрзал победата на литературниот јазик во барокот, а творец е и на црковни песни. Прозата ја застапуваат полемичките списи на Улрих Хутен и сатирата на Јоханес Фишарт. Основач на романот во Германија е Јург Викрам.
[уреди] Време на просветителството (1600-1748)
Овој период (1600-1748) му припаѓа на просветителството. Во средината на XVII век, најважно дело е гримелсхаузеновиот роман Симплицисимус (со мотиви од Триесетгодишната војна). Мартин Опиц (1597-1639) ги утврдува поетските облици, служејќи се со антички и странски примероци. Настануваат и општествената поезија, друштвата за јазикот, борбата против туѓите зборови. Во првата половина на XVIII век настапува дидактичката поезија, чистењето на јазикот (Јохан Кристоф Готшед и др.), угледувањето на Французите и Англичаните, како и анакреонтската поезија.
[уреди] Класичен и романтичен период (1748-1832)
Темелите од овој дел на германската литература ги удираат три големи писатели: Фридрих Готлиб Клопшток, Кристоф Мартин Виланд и Готхолд Ефрајм Лесинг. Клопшток (пиетизам, нова мистика) го дава епот, одата и родољубивата драма; Виланд го создава психолошкиот роман, го обогатува јазикот на романтичниот еп и прави преводи на Шекспир; Лесинг со критика "го ослободил германскиот дух од теолошката ортодоксија", го прекинал слепото поддржување на француската драма и упатувал на Шекспир, дал теории во говорните и ликовните уметности. Хердер и Винкелман им претходат на класиците; со литературно-историските и естетски списи, задлабочувањето во историскиот развој на човештвото и интересирањето за народното песништво, Хердер дава нови идеи и поттик.
Периодот на Sturm und drang ("Бура и натисок") претставува силно превирање на духовите, а му припаѓаат Максимилијан Клингер, Јакоб Ленц, Шуберт, како и делата од младоста на Гете и Шилер. Гете и Шилер го усовршуваат хуманистичкиот идеал на светскиот граѓанин. Гете дава лирика, романи и силната драма Фауст; под влијание на Кантовата философија, Шилер создава балади и драми пронижани со револуционерните идеали на слободата.
Романтизмот ја разбива синтезата на надворешниот и внатрешниот свет и го оживува средниот век. Постарата романтичарска школа (под влијание на Фихте, Шелинг и Хегел) ја претставуваат браќата Шлегел, Новалис, Лудвиг Тик, Жан Пол, а потоа доаѓа помладата романтичарска фолклорна школа: браќата Грим, Брентано, Арним и родољубивите романтичари Арнт, Кернер и романтичарите со граѓански црти Мерике, Хауф, како и драмите на Евалд Кристијан фон Клајст, Хебел, Грабе, Бихнер и други.
[уреди] Нов период: од реализмот до експресионизмот (1832-1918)
Во овој период, под влијание на Француската јулска револуција од 1830, се зајакнуваат тежнеењата за реалистичкото сликање. Хајне и Берне (со Париски писма) вршат силно влијание; движењето "Млада Германија" се бори за еманципација во државата, општеството и црквата, се бори за либерализам. Делата на Д. Штраус (Христовиот живот) и на Лудвиг Фоербах (Суштината на христијанството) го критикуваат христијанството и религијата. Политичката лирика има нагласен општествен тон (Хервег, Фрајлиграт и др.). Периодот од 1830-40 е крај на романтиката. Под влијание на Бајрон се јавуваат поетите на "светската тага": Хајне, Грабе, Бихнер и др.
Раниот реализам е особено конзервативен (сликање на земјата, селскиот живот и преданија), а главни претставници се Карл Шперман, Анте фон Дросте-Хилсхоф, Мерике, Алексис и др. Револуцијата од 1848-1849 донела разочарување што се огледува и во литературата. Т.н. конзервативен реализам го отстапува местото на поетскиот. Главен претставник е Ото Лудвиг (пишувал реалистички драми и граѓански романи), потоа Густав Фрајтаг (комедија и историска драма), Теодор Шторм, Фриц Ројтер и Краус Грот. Херојско-трагичната драма ја застапуваат Фридрих Хебел и Рихард Вагнер. Во епската поезија преовладува песимизмот. Мајстор за новели е Паул Хајзе.
[уреди] Преодно време (по 1870)
Овој период од германската литература го претставуваат Вилхелм Рабе и Теодор Фонтане, кој го отсликува душевниот живот и борба. Основањето на Германското царство донесува политички, општествени и културни судири, што влијае и на литературното создавање: отпор на граѓанското сфаќање на животот се јавува во цела Европа. Во литературата се чувствуваат силни странски влијанија на Русите (Тургењев, Толстој, Достоевски), Французите (Флобер де Гонкур, Емил Зола) и Скандинавците (Бјернсон, Ибзен, Стриндберг). Создавањето се врти во рамките на големиот град; "стварноста се брка со грди, груби и прости од секојдневниот живот".
Во теоретското разгледување на натурализмот доаѓа до раздор (Х. и Ј. Харт, К. Блајбтрој, Б. Белше, Михаел Георг Конрад и Арно Холц). Натурализмот наоѓа полн израз во драмата (социјалистичка и социјална: Георг Хауптман, Судерман, Халбе, О. Е. Хартлебен и др.). Романи пишуваат Холц, Шлаф, а лирика Холц и Конрад.
Претставник на импресионизмот е Детлев фон Лилиенкрон (пишувал лирски пени, балади, воени новели, епови). Околу 1890 година се чувствува влијанието на Фридрих Ниче (Р. Демел и Херман Конради).
Во симболизмот се истакнуваат Ст. Георге, К. Моргенштерн и други. Посебно место заземаат европските космополитски дела (психолошки проблеми) на Томас Ман и Херман Хесе.
Неоромантичната проза ја водат Ј. Васерман, Рикард Хук и др. Во поезијата се значајни Дојблер и Момберт (песни со вселенски доживувања).
Писатели од експресионизмот се Франк Ведекинд (пишува драми кои го исмеваат граѓанскиот морал, како Будењето на пролетта) и др. Лирски песни пишуваат Г. Хајм, Ернст Штадлер, Јоханес Р. Бехер, Зорге, Рајнхард и др. Драмите на Е. Толер, Георг Кајзер и Бертолд Брехт (Добоши во ноќта) се крај на експресионизмот.
[уреди] Период од 1918 до 1933
По Првата светска војна литературата е разновидна. Х. Карос ги дава автобиографските песни , а Ленакер и Ина Зајдел пишуваат песни; Е. Вихерт романи; потоа следат В. Шолц, А. Шефлер, П. Дерфлер, Б. Бергенгруен, Курт Клуге, Франц Тис, Ј. Кнајп и др. Политичкиот развој влијае и на групирањето на книжевниците и настанува раздор.
Едни го нагласуваат општочовечкото, меѓународното: Васерман во своите романи, Херман Кестен во разбивањето на илузиите, Лион Фојхтванглер, Бруно Франк, Леонхард Франк, Б. Келерман. Општествените прашања уживаат особено внимание; Алфред Даблин го пишува првиот пролетерски роман (Берлин-Александровиот плоштад), Ана Зегерс ја напишува новелата Востанието на рибарите од Света Барбара и др. Се одвива и борба против граѓанските и националистичките предрасуди: Карл Штернхајм пишува малограѓански комедии, Хајнрих Ман ги напишува романите Професорот Унрат, Поданик и Глава. Се обработуваат и мотиви од Првата светска војна: Ремарк (На запад ништо ново), Л. Рен (Војна), Арнолд Цвајг (Борба околу сержанот Грише).
Поетите од другата група обработуваат личности и настани од германската историја: Паул Ернст (Германска царска книга, 6 книги), Блунк (Бајки на предците), Јозеф Понтен (еп за Германците од Волга Народ на пат).
Посебна група се поетите кои ги величаат воените настани: Ернст Јингер (Во челичните бури), Ханс Грим ги брани националните претензии (Народ без простор) и др.
Од роднокрајното песништво, чии претставници (Ф. Гризе, Ј. М. Бауер и др.) се бавеле и со преработка на селски мотиви, се развива едностраната нацистичка поезија , т.н. поезија Крв и земја (Blut und Boden). Доколку не е тенденциозна, лириката се држи до класицистичките и романтичарските облици (Кароса, Бергенбауен, Х. Клаудиус, Шредер). Експресионистичката и неореалистичката драма на К. Цукмајер и го отстапува местото на општествената, како и на театарската игра со мотиви од селото.
[уреди] Нацистички период (1933-1945)
Со доаѓањето на нацистите на власт се остварува прекин помеѓу две струи и сфаќања во литературата: преку 200 книжевници ја напуштаат Германија, Австрија и Чехословачка и емигрираат во Швајцарија, САД, СССР, Израел и Јужна Америка. Томас и Хајнрих Ман, Алфред Даблин, Бертолд Брехт, Ј. Р. Бехер, Фриц фон Унру, Ернст Толер, Херман Кестен, Ана Зегерс, Паул Цех и др. Во туѓина се создава емигрантска германска литература која во периодот на нацистичкиот мрак претставува "духовен мост помеѓу Германија и светот". Литературното создавање во земјата е ограничено и "глајхшалтирано" во нацистички рамки. Излегуваат психолошки, социјални и општествено-критички теми. Се обработуваат тенденциозни нацистички или неутрални историски теми или безлични спомени.
[уреди] Постнацистичка литература (од 1945)
По нацистичкиот пораз настанува пресврт во литературата како и во другите области на духовното создавање. Поделбата на Германија на две држави, Сојузна Демократска Република Германија и Демократска Република Германија, како резултат на Втората светска војна, создава и две литератури на кои голем дел од емигрантите или се приклучуваат (Брехт на источната демократска, Цукмајер на западната сојузна) или претежно живеат надвор од Германија (Томас Ман, Ремарк во Швајцарија итн.).
[уреди] Литературата во Сојузната Република
Во Сојузната Република Германија е забележано влијание на американската литература, но и на француската и англиската авангарда. Гинтер Грас во оригинално конципираните романи (Лимениот тапан, Кучешки години) го обработува германскиот живот под нацизмот и по војната. Поаѓајќи од антицрквена, но во суштина длабоко религиозна католичка позиција, со истата тематика се бави и Хајнрих Бел (Куќа без чувар, Билјард во девет и пол). Важен допринос во романот дале и Уве Јонзон, Арно Шмит и Алфред Андерш. Поетот Х. М. Енценсбергер ја обновува иронично обоената политичка поезија, а Паул Целан, Криста Рајниг, Валтер Хелерер и Рудолф Хагелштанге и даваат нови акценти на лириката. Во драмата се јавуваат општествено ангажираните автори, како Ролф Хохут (Намесник), Мартин Валзер (Дабот и ангората) и Петер Вајс. Многу од младите писатели се собрале во т.н. "Група 47".
[уреди] Литературата во Демократската Република
Во Демократската Република Германија многу е забележливо влијанието на советските писатели и теоретичари; исклучиво се признава уметноста на соц-реализмот, но поимот сè пошироко се толкува. Важна улога имаат старите комунистички писатели кои биле или во емиграција, или во затворите и логорите, како романсиерот Вили Бредел, поетот Јоханес Р. Бехер и др. Бруно Апиц дава роман за логорот Бухенвалд - Го меѓу волците. Ервин Штритматер во своите романи (Чудотворец, Оле Бинкоп) низ сатира го дава развојот на источна Германија, со што смело се занимаваат и Криста Волф (Поделено небо) и Ерик Нојч (Трагата на камењата), додека Дитер Нол се интересира за развојот на младиот Германец кој го доживеал нацизмот (Авантурите на Вернер Холт). По оригиналноста, најзначајни се младите поети Јоханес Бобровски и Паул Винс. Драмата, која се развива под силно влијание на Брехт, ја претставува пред сè Петер Хакс.